Владата на денешната седница одлучи да го помогне откупот на јаболката и оризот за дополнителни три денари. Како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, со овие средства ќе се излезе во пресрет за надминување на проблемите при откупот.
„На денешната седница се донесоа и мерки кои треба да помогнат во проблемите со откупот на јаболко и ориз, односно дополнителни три денари за откупот на јаболко и ориз во првите месеци од годината. Продолжуваме постојано да носиме нови мерки“, рече Николовски.
Тој рече дека на седницата поминале и измените во Програмата за директни плаќања со што се праќа порака за договорно производство на сончоглед.
„Субвенциите сега се врзуваат со условот и доказот за предавање на производството во домашни преработувачки капацитети“, рече Николовски.