Јерген Вотн Фриднес беше прашан и за безбедноста и сигурноста на Мачадо сега кога ја доби оваа награда, со оглед на тоа дека таа се крие од август 2024 година. Фриднес појасни дека тоа е дискусија што ја имаат секоја година, „особено кога лицето што ја добива наградата се крие поради сериозни закани по неговиот живот“.
Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо е добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година, објави денеска Норвешкиот нобелов комитет во Осло.
– Наградата оди кај храбар поборник за мир, жена што го предводи преминот од диктатура кон демократија и претставува симбол на обединување во време кога демократијата е под притисок, изјави претседателот на Комитетот, Јорген Ватне Фриднес.
– Опозицијата во Венецуела доби меѓународна поддршка кога нејзините лидери ги објавија гласачките резултати што ги собраа со помош на изборните набљудувачи, изјави претседателот на Нобеловиот комитет, додавајќи дека „режимот во земјата одби да го прифати изборниот резултат и се држи до власта“.
– Демократијата е предуслов за траен мир, но сепак живееме во свет каде што демократијата е во назадување, додаде тој, велејќи дека „сè повеќе авторитарни режими ги оспоруваат нормите“ и се вртат кон насилство.
Претседателот на Комитетот на денешната прес-конференција упати критики за венецуелското раководство, додавајќи дека истите трендови ги гледаме и на други места во светот – „владеење на правото злоупотребено од оние на власт, замолчени слободни медиуми, затворени критичари и општества турнати кон авторитарно владеење и милитаризација“. Мачадо ги исполнува „сите критериуми“ поставени од Алфред Нобел за наградата, истакна претседателот на Комитетот.
Таа „ја обедини опозицијата во земјата, останувајќи цврста во нејзината поддршка за мирна транзиција кон демократија“. Фриднес додаде дека Мачадо „покажа дека алатките на демократијата се исто така алатки за мир“. Тој потенцираше дека лауреатката „ја отелотворува надежта за иднината“, иднина каде што граѓанските права се заштитени.
„Во оваа иднина луѓето конечно ќе бидат слободни да живеат во мир“, заклучи тој.
Јерген Вотн Фриднес беше прашан и за безбедноста и сигурноста на Мачадо сега кога ја доби оваа награда, со оглед на тоа дека таа се крие од август 2024 година.
Фриднес појасни дека тоа е дискусија што ја имаат секоја година, „особено кога лицето што ја добива наградата се крие поради сериозни закани по неговиот живот“.
Тој истакна дека таа е активна и ќе продолжи да биде во Венецуела, и затоа заклучиле дека наградата „ќе ја поддржи нејзината кауза, а нема да ја ограничи“.
На прашањето дали очекуваат да ја видат на доделувањето на наградите во Осло во декември, тој вели дека се надеваат, но признаваат дека ситуацијата со безбедноста е сериозна.
Марија Корина Мачадо е опозициски лидер во Венецуела. Ѝ беше забрането да се кандидира на минатогодишните претседателски избори, кои меѓународно беа широко отфрлени како ниту слободни, ниту фер.
Таа ја алармираше владата на Николас Мадуро бидејќи беше, за првпат, обединувачка фигура за опозицијата во земјата, способна да привлече илјадници луѓе на улиците – и на гласачките места.
Сите анкети минатата година укажуваа на победа на нејзиното движење. А сепак, Николас Мадуро го освои мандатот по трет пат, и покрај тоа што изборните набљудувачи документираа многу неправилности. По објавувањето на изборните резултати, имаше протести низ целата земја. Но, тие брзо беа задушени со репресија од страна на властите.
Самата Мачадо се крие оттогаш, со исклучок на краткото појавување за време на протест пред инаугурацијата на Мадуро во јануари. Таа беше накратко уапсена, а потоа ослободена.
Нобеловите награди го носат името на шведскиот индустријалец Алфред Нобел, кој ги основал. Единствено наградата за мир се доделува во Осло, додека останатите се објавуваат и врачуваат во шведската престолнина Стокхолм.
По денешното објавување, наградата за мир ќе биде свечено врачена на 10 декември во Осло, а ден претходно – на 9 декември – лауреатката ќе одржи прес-конференција.
На официјалната страница на Нобеловите награди се потсетува дека номинациите за наградата за мир се поднесуваат до 31 јануари секоја година. Оваа година за наградата беа номинирани 338 личности и организации. Списокот со номинирани останува таен и се објавува по 50 години, иако поединечни номинатори можат да го соопштат својот предлог.
Добитникот на Нобеловата награда за мир добива златен медал од 18 карати, изработен од норвешкиот скулптор Густав Вигеланд, диплома изработена од познати калиграфи и парична награда од 11 милиони шведски круни (околу 1,19 милиони долари).
Нобеловата награда за мир се доделува од 1901 година, а досега се избрани 105 лауреати. Наградата не е доделувана 19 пати, најчесто во време на војни или кога Комитетот оценил дека нема соодветен кандидат.
Најмладиот добитник е пакистанската активистка Малала Јусафзаи, која ја доби наградата во 2014 година на 17-годишна возраст. Највозрасниот е полско-британскиот научник Јозеф Ротблат, кој во 1995 година ја доби наградата на 86 години за своите заложби за елиминирање на нуклеарното оружје.
Меѓу лауреатите има 19 жени, првата од нив е Берта фон Зутнер (1905), а последната е иранската активистка Наргес Мохамади (2023), која ја доби наградата додека беше во затвор.
Неколку добитници биле наградени и додека се наоѓале зад решетки, меѓу нив германскиот новинар Карл фон Осиецки, белорускиот опозициски активист Алес Белјацки, Кинезот Лју Сјаобо и мијанмарската политичарка Аун Сан Су Чи.
Наградата за мир е единствено еднаш доделена постхумно – во 1961 година на шведскиот дипломат Даг Хамаршелд, кој загинал во авионска несреќа во Африка.
Во текот на првиот век од доделувањето (1901–2001), биле номинирани речиси 5.000 личности и организации. Најмногу лауреати има Западна Европа (44), потоа Северна Америка (19), Азија (12), Латинска Америка (5), Источна Европа (3) и Африка (6).
Во историјата биле номинирани Махатма Ганди, Винстон Черчил, Франклин Рузвелт, Хуан и Ева Перон, Лав Толстој и други, а меѓу контроверзните – Мусолини, Хитлер и Сталин.
Минатата година наградата беше доделена на јапонската асоцијација на преживеаните од атомските бомби „Нихон хиданкјо“, во годината кога се одбележуваа 80 години од нуклеарните напади врз Хирошима и Нагасаки.