Средбата на премиерот Никола Груевски во 11.30 пред полноќ, со дел од амбасадорите во земјава ме потсети на една мала приказна, некои велат дека е легенда, некои само одмавнуваат со раката, по малку навредени, повеќе огорчени кога станува збор за описот на ставање крај на меѓународната заедница со Вождот Слободан Милошевиќ.
Tаа бессона ноќ на преговарачот Марти Ахтисари се одвива во кабинетот на Милошевиќ, тогаш во полна форма, самоуверен и одлучен да не попушти ниту педа по ниту едно прашање, по ниту едно барање на странците.
Марти Ахтисари му ги изложува едно по едно барањата, додека Милошевиќ само со студен поглед го гледа и вели не, не прифаќам, не доаѓа во предвид. Состанокот трае цела вечност, се одвива во доцните ноќни часови, изразот на лицето на Ахтисари станува се позамрзнат, како што се повеќе се стиснуваат усните на Милошевиќ, кој повеќе и не вели не, доволно не е кажано низ годините, зошто би го губел понатаму времето?
Доаѓа момент на крај на преговорите меѓу Србинот, еден од татковците на војните во бивша Југославија и тивкиот и незабележлив Финец, подоцна Нобеловец за своите величествени напори за разрешување конфликти на неколку континенти, токму преку маестралните способности за преговарање.
Никој не веруваше дека мирниот, повлечен Ахтисари може да постигне каков било договор со робусниот Милошевиќ, никој не се ни надеваше дека едната страна ќе попушти. Но, мораше да се даде уште еден час, подоцна ќе се испостави дека тоа е последниот момент на добра волја на странците и само еден во низата тврдоглави моменти на Милошевиќ. Тој се надеваше на силата на Русија, на оној кој му намигнуваше, тоа беше преговарачот Виктор Черномирдин, кој во апокалиптичен текст за “Вашингтон пост” предупредуваше дека намерата на НАТО е неприфатлива и ќе води до трета светска војна.
Да се вратиме малку низ времето, низ она време кога некој од актерите ќе се присети и ќе посведочи за првата средба помеѓу Ричард Холбрук и Слободан Милошевиќ: “Две ега танцуваа цела ноќ”.
Сега, неколку години подоцна, Марти Ахтисари изгледа само како сенка на булдожерот Холбрук, но не за долго, секако не за премногу долго. Интровертниот Финец го носи крстот да го доживуваат како премногу повлечен, затворен и безгласен. Тој привид, тоа покерашко лице не го препозна ниту Милошевиќ.
Затоа одиме повторно на онаа ноќ, кога Милошевиќ се улулка во таа погрешна слика за финскиот преговарач.
Ахтисари одеднаш станува, пред него седи Милошевиќ, а меѓу нив ги раздвојува една маса, полна со стаклени фигури, собирани низ годините, чистени со внимание од послугата, зошто да не, можеби под будното око на мозокот на семејството, Мира Марковиќ.
Повеќе нема преговори. Едвај чујниот Марти Ахтисари одеднаш го повишува тонот и започнува долг монолог за сите последици кои го чекаат и Милошевиќ, но уште повеќе народот во Србија. Српскиот претседател го вика последното не. Тогаш Ахтисари го зема стапчето кое му служи за стабилен од, после долгата борба со контролирање на тежината, по што како последица му откажуваат колената и го принудуваат да се придржува со проклетиот стап.
Но, тој стап станува славен подоцна, откако го задржува на масата покриена со стаклени фигури. Замавнува со долгиот стап со целата сила низ масата, не почекува Милошевиќ да одбрани она малку што останало, да го врати времето барем, се се одвива брзо, сите мали, скапоцени, фрагилни фигури трескаат на подот. Од силината на ударот тие се кршат, една по една, не останува ниту парче кое може да се залепи. Ахтисари му ги покажува последните зборови на Милошевиќ: “Вака ќе заврши твојата земја, ако не го прифатиш нашиот предлог- да отстапиш”
.
Ова е последната средба на Милошевиќ со странците, во кои имало напори за преговори и обиди за доаѓање на решение. Подоцна следува бомбардирањето на Србија, веројатно најлошата одлука на меѓународната заедница воопшто, кога наместо кон Милошевиќ, одмаздата следи кон еден народ, кој немаше доволно сила да се ослободи од тиранинот.
Затоа што, бесмислена е споредбата на патењето на еден народ, макар траело и некој час, тоа никогаш не може да се спореди со неважното патење кое допрва следи, а поминуваат децении во очајот додека пати тој диктатор, кому не му е свет ниту тој народ, ниту татковината, само му е важна сопствената измислена улога во таа земја.
Така вели легендата, и нема зошто да и веруваме или не. Конечно, легендите имаат друга смисла- да пратат порака онаму каде што не допира свесноста од важноста на моментот. Тогаш кога е изгубен тој момент, се рушат и последните стакленца од кулата во која живеат оние кои не го препознаваат денот, кога им е соопштено дека времето истекува дури и за последните денови.