Северна Кореја соопшти дека во изминатите 24 часа биле пријавени над 186.000 случаи со треска и дека уште едно лице починало како последица на веќе признатата епидемија на ковид-19 во земјата, денеска јави државната агенција КЦНА.
Агенцијата, меѓутоа, не соопштува податоци за тоа колку од овие пациенти се позитивни на коронавирус.
Бранот на ширење на коронавирусот ја зголеми загриженоста за недостатокот на вакцини, недостаток на медицинска инфраструктура и потенцијален недостиг на храна во земјата со околу 25 милиони луѓе, која одбива странска помош и своите граници ги држи затворени.
Висок официјален претставник на американската администрација денеска изјави дека токму ограничувањата околу ковид-19 можеби имаат улога во неуспехот на Северна Кореја да одговори на понудата за дипломатски разговори.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој вчера беше во посета на Јужна Кореја, изјави дека на Пјонгјанг му се понудени вакцини против коронавирусот.