Абуџа: Вооружена група киднапирала 52 ученици од католичкото училиште „Света Марија“ во Нигерија, објави денеска локалната телевизиска станица „Арис њуз“.
Киднапирањето се случило во сојузната држава Нигер, а бројот на киднапирани ученици сè уште се проверува.
Владата на државата Нигер со длабока тага ја прими вознемирувачката вест за киднапирањето на ученици од училиштето „Света Марија“, се наведува во соопштението, додавајќи дека безбедносните агенции трагаат по учениците.
Нигерија беше сведок на серија напади од вооружени лица, вклучувајќи го и киднапирањето на 25 ученички од католички интернат во државата Кеби во понеделникот. Нападите укажуваат на растечката несигурност во оваа западноафриканска земја, а поради последниот напад врз католичко училиште, претседателот Бола Тинубу беше принуден да ги одложи странските патувања.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, кон крајот на октомври изјави дека „христијаните во Нигерија се соочуваат со егзистенцијална закана“ и навести можно распоредување војници или воздушни напади. Дојче Веле го пренесе сенаторот Тед Круз кој на Х напиша дека нигериските власти ги игнорираат и овозможуваат „масовните убиства на христијани од страна на исламистички џихадисти“.
Претседателот Тинубу ги отфрла тврдењата, велејќи дека „карактеризацијата на Нигерија како религиозно нетолерантна земја не ја одразува нашата национална реалност“.
Според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, во последните 15 години, цивилите во Нигерија се соочуваат со повеќекратни безбедносни закани и ризици од злосторства поради напади, киднапирања и изнуда од разни вооружени групи, особено радикални исламистички групи како што се Боко Харам и Исламската држава.

