Основното јавно обвинителство од Битола отвори предмет за случајот со застреланата мечка и фотографијата на која позира заменик директорот на ЈП Македонија пат, Сашо Дранго
По објавата по медиумите оформен е предмет и се постапува за да се утврди што точно се случило. Обвинителството ќе се обрати до Здружението ‘Анима мунди’ да ни ги достават нивните материјали како и евентуалните пријави кои ги доставиле до МВР или други државни институции“, изјави за „Независен весник“ обвинителката Оливера Нечаковска.
Според информациите кои ги објави „Анима мунди“, Дранго мечката ја застрелал во декември 2024 година. Според нив ова не е само кривично дело туку и тежок удар за угледот на институцијата која тој ја претставува и очекуваат негово разрешување.
Во членот 11 од Законот за дивеч и ловството пишува дека мечката како дивеч е под заштита и секое нејзино ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането, додека во членот 14 е наведена трајната забрана за лов на мечки. За отстрел на мечка предвидена е и парична казна од 18.000 евра за мечка постара од две години.
Мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането. Фотографиите до кои дојде „Анима Мунди“, покажуваат дека Дранго откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото умоболно хоби, за што говорат и неговите фотографии од убиени различни диви животни на социјалните мрежи – реагира здружението. Оттаму, се отвора прашањето дали Дангов е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин?