Нов удар по џебот на граѓаните. По струјата, поскапува и парното. Од понеделник скопјани ќе плаќаат за речиси 6 отсто повисоки сметки за да ги загреат своите домови.
Одлуката ја соопшти денеска првиот човек на Регулаторна комисија Марко Бислимоски, објаснувајќи дека поскапувањето се прави за се инвестира во мрежата, која е стара повеќе од 60 години.
Бислимоски тврди дека нема да поскапи преносот и дистрибуцијата на струја која се уште ја регулира комисијата. Конечната одлука ќе се донесе идната недела. Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум вчера соопшти дека поскапела струјата која ја купува од ЕСМ за идната година да ги покрие домаќинствата.
Државните електрани на тендерот понудија за речиси 5 отсто повисока цена, па наместо 62 како досега, ЕВН Хоум ќе плаќа по 65 евра за мегават. Експертите се песимисти дека после ова, од 1 јануари нема да има поскапување на струјата. Сепак, Дејан Димовски од здружението на инженери на Македонија потсетува оваа цена која ЕСМ ја понуди на ЕВН е далеку под реалната.
Цената која ЕСМ ја нуди на граѓаните е два пати пониска од пазарната и е пониска дури од цената за да се произведе, што доведува до загуби кај државните електрани, потсетува првиот човек на Регупаторна Бислимоски и вели дека целта е што поголеми количини на струја ЕСМ да продаде на берза. Сепак, се поизвесно е дека со новите зголемувања на цените на енергенсите, стандардот на граѓаните значително ќе опадне.




