Бегајте од ваква земја во која министерот за надворешни работи Никола Попоски најавува ограда за бегалците по урнекот на онаа што ја изгради унгарскиот претседател Виктор Орбан во својата. Порано или подоцна ќе ве обземе стравот од таква земја, за која одамна не можете да се обложувате дека е ваша татковина. Ова не е земја која ви ја оставиле вашите предци, ова не е земја која вие би ја оставиле на вашите деца. Но, бегајте и оставете ја, бегајте со вашите деца што подалеку од земја која не е ваша повеќе.
Бегајте од ваква земја во која јавниот обвинител Марко Зврлевски и обвинителот за гонење криминал Јован Илиевски се најспокојните луѓе на Планетава, мирно улулкани во своите функции, привилегии, политички пријателства и фамилијарни врски, но, тоа е се што имаат и би имале во која било земја. А, да, имаат и огледало, за кога случајно ќе се погледаат, да им недостасува едно парче месо, да, тоа е образот, на чие место сега се трансплантирал еден јагленосан црн ѓон и се сместил таму удобно, самоуверени дека таму им припаѓа.
Трчајте, силно трчајте, се додека не земете душа во некоја друга земја, далеку од оваа, во која не ве врзува ништо повеќе со никого, освен секојдневниот вечерен преглед на вестите, кој го претресувате со пријателите, откако со месеци наназад ги преслушувате бомбите на Заев, лентите за прислушување, со страв и во паника, затоа што не знаете повеќе- што остана од оваа земја и зошто сте уште тука?
Нека ве снема веднаш, требаше вчера, од оваа земја, во која никогаш не ве дочекува мир попладнето, кога доаѓате веќе со месеци со немир, дома. Што правите во земјава, во која сведоштвото пред њујоршкиот суд на поранешниот висок функционер во разузнавањето Слободан Богоевски, никого не загрижи, шокира, никој не се вознемири за да започне истрага за сведоштвото за корупција и обид за атентат. Ова е земја во која никогаш нема истраги, затоа што е земја во која царува тескобата затоа што многумина мислат дека ништо не можат да сторат, затоа и молчат со години, морничавата тишина како да се подготвува набрзина или долго планирано бегство од земјата, земја на страв, лоботомија и огради во животите на луѓето, создавани по примерот на идеолошките близнаци на Груевски.
Како вели Рејмонд Карвер во “Страв”:
Страв да не ми дојде сон
Страв од предолг живот.
Знаете, и во двата случаи никогаш нема да можете да побегнете од оваа земја. А би требало тоа да го сторите, којзнае зошто чекавте сиве овие години.
Но, ако не можете тоа да го сторите, ако е предоцна или премногу од вас тоа да се очекува, ако во оваа земја имате се што имате а изгледа како да немате, но велите па што, не сакате да им ја оставите на оние кои ве заробија, ве оградија, ве затворија и ве замолчеа, иако мислите дека е сега премногу доцна, не е вистина. Кажете им гласно дека не сакате да живеете во ваква земја во која се тепаат бегалци, се изживуваат врз затвореници, во која царуваат корупцијата и криминалот и никој за ништо не одговарал никогаш. Сторете нешто за да посакате да почнете да живеете во оваа земја.