Шефицата на Обединетите Нации (ОН) за човекови права, Мишел Башеле повика на независна и ефикасна истрага за случувањата во украинскиот град Буча.
„Од витално значење е да се вложат сите напори за да се обезбеди независна и ефикасна истрага за одговор на прашањето што се случило во Буча и да се обезбеди вистина, правда и одговорност, како и репарација и правен лек за жртвите и нивните семејства“, наведе таа во пишана изјава.
Таа истакна дека е „ужасната од фотографиите со мртви цивили како лежат на улица и во импровизирани гробници“.
Додаде дека „извештаите од оваа и други области покренуваат сериозни и вознемирувачки прашања за можни воени злосторства, тешки кршења на меѓународното хуманитарно право и тешки кршења на човековите права“.
Башеле наведе дека е од суштинско значење да се ексхумираат и идентификуваат сите тела за да се известат семејствата и да се утврдат точните причини за смртта.