Општина Центар информира дека продолжува со инспекциски контроли на јачината на музиката во кафулињата на територија на општината. Граѓаните се почесто пријавуваат дека музиката која доаѓа од кафулињата „ечи“ и им го нарушува сонот и мирот.
Општината ги повикува граѓаните да се вклучат и помогнат во решавањето на овој горлив проблем така што ќе пријават гласна музика, за да можат инспекциските служби брзо да реагираат и превземат соодветни мерки.
Како резултат на пријавувањата на граѓаните, минатиот викенд во три објекти е извршена контрола и е констатирано надминување на максималното дозволено ниво на бучава.
На кафулињата „Чао“, „Нола“ и „Ван-Гог“ им се изречени казни и општината апелира до сопствениците да се придржуваат до пропишаните правила и да не надминуваат гласност од 45 децибели. Доколку кафулињата не ги платат казните против нив ќе се поднесат прекршочни пријави, соопштува Општина Центар.