Секретарот на украинскиот Совет за безбедност и одбрана, Олексеј Данилов за време на вчерашно гостување во ТВ емисија истакна дека Унгарија знаела за намерата на Русија да ја нападне Украина.
„Унгарија отворено ја покажува својата соработка со Руската федерација“, рече Данилов, пренесува „Украина тудеј“.
За време на интервјуто, Данилов нагласил дека Унгарија планира да добие дел од Украина.
„Од некоја причина верувала дека може да добие дел од нашата територија. Тоа нема никогаш да се случи. Ќе ги видиме последиците за таа земја по војната“, рече секретарот на украинскиот Совет за безбедност и одбрана.
Унгарија набрзо ги демантира таквите медиумски написи. Портпаролот на унгарскиот премиер, Виктор Орбан рече дека станува збор за лажни информации и негира дека Будимпешта планира да го анектира Закарпатие, регион во кој живеат околу 140.000 етнички Унгарци.
Золтан Ковач на Твитер напиша дека Украина со ваквите обвинувања се осветува на Унгарија која одби да прати оружје, пишува „Еуроњуз“.
„Разбираме дека Украина не е задоволна со нашата одлука, но ширењето на лажни информации нема да го промени нашиот став“, додаде тој.
Унгарската амбасада во Украина, исто така, реагираше на изјавите на Данилов и побара нивно повлекување.
„Амбасадата на Унгарија во Украина е огорчена од изјавите на секретарот на украинскиот Совет за безбедност и одбрана, Олексеј Данилов што ги изрече на телевизија на 2 мај 2022 година. Во нив лажно и без основа ги обвинува унгарските власти и поттикнува омраза кон унгарскиот народ“, стои во постот на Фејсбук профилот на унгарската амбасада, пренесува Интерфакс Украина.
„Ги отфрламе и најостро ги осудуваме клеветите на сметка на Унгарија. Го повикуваме Данилов да ги повлече своите изјави“, додаваат од амбасадата.