Во моментот повеќе од четириесет шведски компании се активни на македонскиот пазар. Тие се распоредени во повеќе индустрии опфаќајќи ги и автоиндустријата, телекомуникациите, медицинската опрема, текстилот, здравствениот, козметиката, но и трговијата. Од друга страна, повеќе од педесет “македонско”-поседувани компании работат во Шведска, најчесто во секторите на гастрономијата, продажбата на автомобили, информатичките технологии и недвижностите. Овој двонасочен интерес укажува на тоа дека постои здрава основа врз која може да се изгради структурирана рамка за понатамошен развој на економските односи.
Бјанка Илиевска / Самуил Наумовски
Економските и политичките врски помеѓу Република Македонија и Кралството Шведска континуирано се развиваат повеќе од 30 години. Иако географски оддалечени, двете земји имаат соработка на повеќе фронта и истовремено споделуваат комплементарни економски структури, но и вредности. Шведска е една од најзначајните ЕУ земји членки донатори за Македонија и нејзиниот пат кон ЕУ преку својата Агенција за Меѓународен Развој (СИДА) со која поддржува реформски политики во областа на еколошки и отпорен одржлив развој, одржливо користење на природните ресурси, но и инклузивен економски развој, а Шведско-македонската трговска размена, иако релативно скромна, покажува континуиран раст од година во година. Новото поглавје во оваа соработка – чија цел е продлабочувањето на долгорочни трговски и бизнис-врски помеѓу двете земји и зголемување на инвестициски инцијативи како во Шведска, така и во Македонија – е отворањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора кое е официјално закажано за 24ти Октомври во Стокхолм.
Досегашна Економска Соработка
Економските врски помеѓу Македонија и Шведска претставуваат динамика која во последните години бележи конзистентен раст. Иако историски гледано трговската размена е релативно скромна, статистичките показатели ја потврдуваат тенденцијата на нејзино проширување. Според податоците на Опсерваторијата за економска комплексност (OEC World), трговската размена во последните пет години пораснала со годишна стапка од 16,2%. Државниот завод за статистика дополнително покажува дека извозот на македонски производи во Шведска од јануари до мај оваа година достигнал 33,2 милиони евра, додека во текот на 2024 година вкупниот извоз надминал 46,1 милион евра.
Најголем дел од извозот е концентриран во неколку категории: чоколадо, изолирани жици, машки кошули, обувки, зелка, машини за подигање и производи од кожа. Иако македонското вино е добро познато во регионот и пошироко, неговото учество во вкупниот извоз кон Шведска е симболично, само 0,22% во 2023 година. Овие податоци не само што ја рефлектираат структурата на македонската извозна економија, туку и укажуваат на нови бранши кои допрва може да се развиваат. Во споредба со другите скандинавски земји, Шведска се наметнува како далеку најзначаен партнер. Трговијата со Норвешка и Данска е на значително пониско ниво, што укажува на фактот дека продлабочувањето на односите со Шведска претставува најлогичен пат за постепено интегрирање и со другите економии во регионот.
Во моментот на пишување, повеќе од четириесет шведски компании се активни на македонскиот пазар. Тие се распоредени во повеќе индустрии опфаќајќи ги и автоиндустријата, телекомуникациите, медицинската опрема, текстилот, здравствениот, козметиката, но и трговијата. Од друга страна, повеќе од педесет “македонско”-поседувани компании работат во Шведска, најчесто во секторите на гастрономијата, продажбата на автомобили, информатичките технологии и недвижностите. Овој двонасочен интерес укажува на тоа дека постои здрава основа врз која може да се изгради структурирана рамка за понатамошен развој на економските односи.
Македонија – мала земја, голем потенцијал
Македонија, иако по големина мала земја, поседува значаен економски потенцијал кој е се повеќе препознаен од меѓународните организации. Впрочем, Програмата за Развој на Обединетите Нации (UNDP) има идентификувано 13 можности за инвестиции кои би придонеле до остварување на своите цели за одржлив развој во областа на обновлива енергија, одржлива и органска агробизнис култура, одржлива инфраструктура, управување со отпад, здравствени технологии и инвестиции во ИКТ секторот. Овие области се компатибилни со традиционалните интереси на шведските компании, кои се ориентирани кон иновации, зелени технологии и одржлив развој.
Македонија нуди повеќе конкурентни предности за инвеститорите, во споредба со регионот и пошироко, меѓу кои и стабилна економска рамка, 100% странска сопственост, 0% даноци и царина, ослободување од комунални такси, индивидуализиран пристап, симболична цена за закуп на земјиште и директна државна помош во износ до 1.000.000 евра. Светската банка, уште во 2020 година ја истакна Македонија како земја со ефикасни процедури за отворање нови бизниси и растечки капацитет за инвестиции.
Конкурентната работна сила и пониските трошоци за работниците создаваат поволна економска клима, особено во ИКТ секторот и инженерските дисциплини. Македонија има развиена ИКТ индустрија не само како дестинација за аутсорсинг, туку и како регионален центар за развој на апликации, дигитални решенија и софтверски платформи. Процесот на европска интеграција овозможува делумна стандардизација со европските нормативи, што го олеснува пристапот на македонските производи до европските пазари. Географската положба долж клучните транспортни коридори (Коридор 8 и Коридор 10) овозможува релативно лесна логистичка поврзаност со западна, јужна и источна Европа.
Владата на Македонија дополнително ги поддржува производствените дејности, ИКТ секторот (софтверски развој, склопување на хардвер, дигитална обработка, производство на компјутерски чипови), научно-истражувачките активности и новите технологии со високи еколошки стандарди. За инвеститорите во овие области се обезбедени дополнителни поволности, вклучително и ослободување од обврската за поднесување гаранции за царински долгови. Слободно-индустриската зона во Гевгелија, првата зелена индустриска зона на Балканот, со директна конекција до Солун, Грција и Коридор 10, претставува дополнителна можност. Таа е фокусирана на поддршка на зелени индустрии и инвестициски проекти во напредни технологии, особено во здравствениот сектор и услуги, поддржана од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.
Од друга страна, македонските компании кои сакаат да навлезат на шведскиот пазар треба да ги следат локалните барања и трендови. Таму фокусот на одржливост или одржлив раст не е само пожелен, туку и императивен. Сертификатите за еколошка усогласеност, ознаките за одржливост и транспарентното потекло на производите се меѓу клучните фактори за стекнување доверба кај потрошувачите. Покрај тоа, силно онлајн присуство и дигитален маркетинг прилагоден на локалните услови е неопходен за успешна промоција на македонските производи.
Целта и функцијата на Шведско-Македонската Стопанска Комора
Токму врз овие предуслови се надоврзува создавањето на Шведско-македонска стопанска комора. Оваа институција е замислена како мост меѓу бизнис заедниците во двете земји, со јасна мисија да обезбеди инфраструктура за поддршка, промоција и развој на деловните врски. Комората активно ќе ги застапува интересите на своето членство пред македонските и шведските владини тела, локалните власти и други административни институции.
Комората ќе ги поврзува македонските и шведските компании преку организирање едукативни настани, деловни мисии, средби помеѓу бизниси, претприемачи, но и важни државни службеници. Таа ќе може да изгради доверба и кредибилитет преку своето институционално присуство, овозможувајќи компаниите да добиваат препораки и сертификација што носи тежина пред потенцијалните партнери.
Комората пренесува информации преку билтени, извештаи, меморандуми и други форми на известување со кои компаниите ќе можат да добијат анализи за локалните пазари, информации за законските регулативи и пристап до експертски мислења. Со тоа се олеснува процесот за фирми кои често не знаат како да го започнат својот настап на странскиот пазар. Комората ќе има и функција на поддршка за стартапи и мали и средни претпријатија. Преку локални ментори и партнерски канали, овие компании ќе можат полесно да навлезат на скандинавските пазари. Дополнително, ќе се поддржуваат програми за претприемништво, иновации и одржлив развој.
Еден од главните двигатели за влез на странскиот пазар е промоцијата. Учеството на саеми, изложби и конференции е средство преку кое компаниите се претставуваат пред потенцијалните клиенти. Комората ќе игра активна улога во организирањето на вакви настапи, што е особено важно за земји како Македонија, чија продукција често има потреба од поширока видливост.
Уште една клучна предност на Комората е експертизата на нејзиниот Одбор. Членовите на одборот имаат повеќе-годишно искуство од различни сектори – од ИКТ сектор, рударство, здравство па сè до автоиндустрија – и се географски лоцирани низ Македонија и низ Шведска. Тие не само што имаат локално знаење за двата пазари, туку и развиени мрежи на контакти кои можат да бидат пресудни за отворање на нови можности.
Со тоа, комората ќе стане платформа која истовремено обезбедува заштита и застапување на интересите на своите членови, ги поддржува економските односи во индустријата, трговијата, земјоделството и услугите, и организира активности кои ја зајакнуваат бизнис врската помеѓу двете земји.
Културна и дијаспорска димензија
Иако економијата е во центарот на вниманието, културната и дијаспорската димензија не смее да се занемарат. Македонската заедница во Шведска брои над 30 илјади луѓе кои се добро интегрирани во шведското општество и економија. Многумина од нив имаат сопствени компании или успешни кариери. Преку комората, тие добиваат нова платформа за да воспостават контакти со македонските фирми, да иницираат заеднички проекти или да инвестираат во својата матична земја. Така, дијаспората може да биде активен економски ресурс, а не само културна врска.
За крај
Шведско-македонската стопанска комора претставува важен чекор во унапредувањето на билатералните економски односи. Таа ќе создаде институционална основа за континуирана поддршка на компаниите, како во Македонија така и во Шведска, ќе гради доверба и кредибилитет, ќе организира настани и форуми, и ќе ја промовира Македонија како атрактивен партнер во Шведска. Преку својата улога во градење на контакти помеѓу разни бизниси и претприемачи, поддршка на иновации и трансфер на знаење, комората ќе придонесе кон зголемена трговска размена и поширока економска соработка, отворајќи пат и за продлабочување на економските врски со другите скандинавски држави.

