НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Отворено писмо од наставник Биљана Димковска: На што да ги учиме сега децата?

0
By Нова ТВ on January 30, 2015 КОЛУМНА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Биљана Димковска, наставник во основното училиште „Крсте Мисирков“ во Куманово испрати отворено писмо до редакцијата на НОВА ТВ во контекст на состојбите во основното и средно образование. На молба на авторот, НОВА во продолжение во целост го пренесува писмото до јавноста.

„Во меѓувреме…нешто лично…

Додека го пишувам мојот магистерски труд, во пауза ги читам писмата на професорите од Професорки Пленум, наставниците, колективите во училиштата и немирот во мене не ми дозволува да продолжам сé додека не го исфрлам од мене насобраното чувство на горчина, неверување, фрустрација, бес и срам за она низ што поминува секој наставник, учител, професор во нашето општество.

Горчина заради очекувањата, навестувањата, и она што добивме како награда за сработеното.

Неверување заради тоа што очекувавме реформи, а добивме проформи. Дваесет години ние практичарите бараме наставни планови и програми ослободени од непотребни предмети и содржини кои на децата не им даваат слободно време за ништо. Една смена формално образование, втора смена курсеви како дополна на наставните содржини, а навечер пишување и учење за тестови. И сето тоа има заеднички именител-учење на памет и осиромашување на потенцијалите. Им се искривија рбетите од тешки училишни торби и седење со часови во клупа.

Очекувавме вложување во човечките образовни ресурси, вложување во материјалните услови во училиштата, во библиотеките, на факултетите, опрема на институтите…Наместо тоа добивме…кабинетска настава без опрема, лаборатории ставени во функција на училници, исклучена струја во училиштата заради неплатени сметки, затнати санитарни јазли,искинати учебници, компјутери кои не се во функција,разочарани родители, наставници, директори.

Можеби немаше да пишувам сега да не беше мојот труд поврзан со наставничките компетенции потребни за современа настава. За таа цел, требаше да ги истражам другите образовни системи (Европските, САД, Канада, со акцент на образованието во ЕУ). И знаете што? Никаде не најдов дека наставникот може да биде казнет од друг орган освен директорот (комисија за дисциплински постапки). Дури и директорот во другите образовни системи ја има има улогата на педагошки раководител.

Европските образовни системи со потпишувањето на Болоњската декларација се повеќе или помалку воедначени во сите сегменти на образовниот систем. Наставни планови и програми (адаптирани според потребите) изготвени од практичари, децентрализирано образование, вложување во човечки и материјални ресурси на образовните системи, промоција на демократски вредности, но сето тоа во амбиент на економска и социјална стабилност и благосостојба на семејството.

Образованието, ослободено од политички признаци и притисоци , таму, во Европа, стои на здрави нозе и дозволува само оние што знаат да ги креираат образовните политики за развој на образованието како столб на општеството и луѓето во него.

Ве молам, ако одиме со ред на наведените елементи неопходни за здрав образовен систем, посочете еден од нив кој кај нас има силен предзнак. Наставни програми кои значат квалитет во образованието. Процесот на децентрализација заглавен во политички лавиринти. Сиромашни училишта. Отсуство од опрема во кабинети, институти, библиотеки, медијатеки… Промоција на недемократски вредности. И сето тоа во амбиент на економска сиромаштија и осиромашени семејства.

Ако тежнееме кон оспособување на нашите ученици да стекнат знаења и вештини за да се најдат на првите места во меѓународните истражувања, тогаш ајде да направиме паралела помеѓу оние на врвот на листата на постигнувања и нас. Како пример ќе ја посочам Р. Финска чии ученици изминатите десетина години се на врвот на листата на PISA тестирањата.

1. Таму, интересот за наставничкиот позив е огромен, зашто наставникот е особено почитуван во општеството. Тука, местото на наставникот е на дното на општеството и според угледот и според платата и според можноста да се деградира, омаловажува, плука, уценува, обезвреднува.

2.Таму, студиските програми се насочени кон јакнење на компетенциите на идните наставници, со практична настава (до 50% од вкупниот број наставни часови за време на студиите) и низ истражувачка работа. А сето тоа во целосно опремени услови и амбиент за работа. Тука, студентите учат во нехумани услови (ладни кабинети), според програми во кои едвај 10% има практична настава. Народната вели „Колку пари, толку музика“. Да, народната мудрост е вековно акумулирана во опстојувањето на секој кој е дел од оваа земја и постојано се потврдува нејзината точност и вистинитост. Колку се вложува во нешто или некој, толку треба да се очекува. Кога надлежните ќе овозможат услови како таму, нека очекуваат резултати како таму. Ова овде е сосема друга приказна. Жална и тажна.

3. Таму, наставните програми се создаваат на три нивоа: национално, локално (преработени), училишно (пак преработени, според условите и потребите).Нив ги изработуваат практичари кои се реализатори на наставните содржини.

4. Таму училиштата (градинки, основни, средни, факултети, институти) се опремени според европските стандарди. Овде? Јас работам во основно училиште кое брои 1200 ученика. Наставата е во една смена, а втора смена работи друго училиште со исто толкав број на ученици. Каде простор за дополнителна, додатна настава, слободни активности, секции, проектни активности…а и децата имаат секој ден по седум часа, па уште и сруги активности…а сé во нивен интерес,нели?

5. Таму на меѓународните тестирања не се проверуваат знаењата на учениците, туку начинот на кој ги решаваат проблем ситуациите. Тука, од учениците се очекува да заокружат еден од четири точни одговори.

6. Таму, нагласок се става врз суштината, а не формата. Во процесот на поучување, важен е процесот на осознавање, а не резултатот. Тука, со еден тест, сé паѓа во вода.

7. Таму, наставникот е платен соодветно. Бројот на работни часови седмично е од 24-28, а над тоа е платен дополнително. Овде? 40 часови седмично, плус дома водење е-дневник (ноќе, заради достапност на системот), администрација која води кон бројка на работни часови многу поголема од предвиденото со закон.

8. Таму инспекциските органи се укинатги 1994г и оттогаш работат само советодавни тела. Казни за оние кои воспитуваат и образуваат нема. Тука?

9. Таму општеството ги стимулира младите да студираат и работат во земјата. Тука? Хиперпродукција на приватни универзитети, хиперпродукција на дипломирани кадри. А сето тоа без анализа на потребите на пазарот на трудот. И сега? Сега нема друго, освен барање среќа надвор од границите. Среќа, некој ќе се израдува на ефтина работна сила.

10. Таму соодветно платени наставници. Тука?

И уште многу може да се набројува. Доволно е сепак за да се разбере суштината на она што сакам да го кажам. А тоа е ДОСТА Е. И по цена на плата, на притисоци, на закани. Знаете, човечкото достоинство нема цена. Можете да посегнете по сé што носи материјален призвук. Но она што не може никој да ни го земе е нашата способност за расудување, нашите ставови и уверувања. А ние длабоко веруваме во исправноста на тоа што го правиме. А Вие?

Почитувани претставници на Владата,

Најавувавте темелни општествени промени. Верувавме. Повеќе не. Во секој проект гледаме само интерес, но не и придобивки.Реформите во здравството, а сега во образованието само се доказ дека нешто тука е труло и почнува да шири реа. Ако во една земја нема цврста ОДБРАНА,ЗДРАВСТВО и ОБРАЗОВАНИЕ, нема земја. А кога нема земја, останува НИШТО. Стануваме НИШТО. Но, знаете, и ова малку што сме тука, осудени вечно да се бориме за своите права сме доволни за да се слушне нашиот глас. Гласот не можете да ни го земете. Тој ќе отиде и оттаде границите. Но, жално е што ќе ни се смее светот заради тоа што сами дозволивме да ни се случува ова. Затоа ги учам децата да имаат помалку надеж, помалку верба, а повеќе интерес.

Но затоа имаме очекувања, и тоа ГОЛЕМИ. Наставникот мора да направи оваа слика на беда да изгледа дека е поинаква, дека е благородно и хумано да се поучува дека одговорноста е важна особина кај секој поединец во општеството. Да, се согласувам. Одговорноста и чувството за личен придонес кон општествениот развој не мотивираа да не одмеруваме, да не калкулираме, туку да ги поучуваме децата на вистинските вредности: да не се лаже, да не се потценува дргиот, да не плука и обезвреднува човечкото достоинство. Да не се работи од интерес туку од љубов. А Вие, со прикажувањето лажна слика за штрајкот во високото, а сега и средното и основното образование, на сите граѓани им покажавте како се работи лицемерно, подземно,нечесно. Со секоја насила усвоена законска измена ни покажавте колку вреди образованието денес во Македонија, колку е почитуван наставникот и колку треба да биде „награден“ што е столб на општеството.

На што да ги учиме сега децата? На она што не научивте нас?

За да одговорам на што ги учам моите деца, морам да се навратам наназад две децении кога со сопругот ги пополнувавме документите за Канада , подготвени да заминеме од овде засекогаш. Без свој стан, под кирија, со две мали деца, првите шест години од заедничкиот живот ни беа борба за леб. Но кога човек има верба и надеж, работите одат кон добро и патот сам се отвора. Нашиот пат се отвори благодарение на странска компанија. Затоа останавме тука, среќни што сме свој на своето. И после 20 години работа во училиште, моето семејство живее од неговата плата која не е трошок на Р.Македонија.
Толку за големата љубов кон татковината.

Сега се прашувам: на што да ги учиме децата?!

Учениците, според должноста, ќе ги учам да ја сакаат татковината но и да ги чуваат нејзините вредности. Но, не треба да кажам дека во отсуство на вербата во она што го говорам и жарот кога говорам за тоа, нема да ги уверам.

Со сите задолженија, на наставникот му останува да се грижи за администрацијата, за да биде соодветно вреднуван. Ама заборавате, почитувани мои, дека суштината на нашето поучување е душата дадена на материјата. Часот без душа и жар, без верување во она што се предава не е час. Тоа е само монотоно зборување и слушање.

После толку време, конечно знам што да ги учам моите деца. Истото она против што се борев пред дваесет години. Да отидат што подалеку од Македонија, зашто неа повеќе не ја чувствувам за своја. Студенти се. Архитектура и градежништво. Возрасни и свесни за улогата која ја имаат во креирање на сопствениот живот. Знаете, кога тргнаа на курс по германски, ми олесна. Англискиот го говорат перфектно. Сега сум подготвена да не бидат покрај мене, само да бидат почитувани и среќни НЕКАДЕ. Било каде. Среќна сум, зашто знам дека овде тоа нема да бидат.

Почитувани пратеници и Претседателе,

Во името на наставниците кои штрајкуваат, Ве молам, симнете ги очилата, ослободете се од суетата и егото. Потсетете се на на Вашите ветувања дека со Вашиот ангажман ќе се ставите во служба на оние кои Ве избраа. И не заборавајте дека за вакви промени не ја добивте нашата доверба.

Еден збор само го искажува сето она што длабоко го мислиме и веруваме:
РАЗОЧАРУВАЊЕ. “ се вели во отвореното писмо на наставничката Димковска.

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Волстрит џурнал: Пентагон не и дава на Украина да користи оружје со долг дострел против Русија

August 24, 2025

Норвешка ќе и испорача на Украина ПВО системи во вредност од скоро 700 милиони долари

August 24, 2025

Трета недела по ред доларот лизга удолу

August 24, 2025

Нови собири низ Србија на „Граѓани против блокадите“

August 24, 2025

Железничкиот сообраќај во Црна Гора во прекин поради штрајк на диспечерите

August 23, 2025
ФОКУС

Украински напад со беспилотни летала врз Санкт Петербург

ВЕСТИ August 24, 2025

Санкт Петербург и Ленинградската област вчера беа цел на напади со беспилотни летала, што предизвика…

Пекинг: Кина е подготвена да испрати војници во Украина, но само под мандат на ОН

August 24, 2025

Нетанјаху: Израел ќе ја освои Газа без разлика дали Хамас ќе ги ослободи заложниците

August 21, 2025

Пентагон: Сценарија за Украина ќе бидат презентирани на европските советници за национална безбедност

August 21, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.