ЕУ направи историска грешка и испрати лоша порака за целиот регион со неотворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, порача денеска од Белград заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Метју Палмер.
– САД сакаат Западен Балкан да има европска перспектива и ние ќе направиме се што можеме да ја убедиме ЕУ да го промени ставот пред состанокот на европските лидери во Загреб во мај, изјави Палмер на денешната заедничка прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, пренесува МИА.
На ова изјава на Палмер, се надоврза и Вучиќ, кој изјави дека Србија се залага за соработка со земјите од Западен Балкан, што се гледа и преку продолжување на состаноците со Северна Македонија и Албанија, а потоа и со сите останати неделава во Охрид. Вучиќ денеска најави разговори со македонскиот и албанскиот премиер, Зоран Заев и Еди Рама, да се договорат за деталите, заблагодарувајќи се на поддршката од САД за идејата за т.н. мал Шенген.
– Отворено можам да кажам, дека САД ја поддржаа оваа идеја, која се заснова на четирите слободи на движење на стоки, луѓе, услуги и капитал и ние тука очекуваме и дополнителна поддршка и од Палмер и од САД воопшто, изјави Вучиќ.

