Декларација за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина денеска ќе се најде на собраниската Комисија за надворешна политика, а поголемите партии како СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе најавија поддршка за документот поднесен од страна на ЛДП.
Во Декларацијата е наведено дека „Прифаќајќи го минатото, водени од стремежот да се надминат меѓусебните разлики и конфликти на дипломатски начин, во насока на заштита на постоењето на сите европски држави и нивната независност, како директен одговор на оние што ја доведуваат во прашање македонската државност и право на постоење, ние пратениците на Собранието, со оваа декларација најстрого ги осудуваме политиките што го доведуваат во прашање постоењето на европските држави и се залагаме за обезбедување на поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“.
Земајќи во предвид дека, се наведува во Декларацијата, рускиот напад врз Украина претставува еклатантно кршење на меѓународното право што не може да се оправда со ништо. Во документот се критикува актот на агресија на Русија под параванот дека политиките на Украина претставуваат „закана за безбедноста на руската држава и народ“.
„Согледувајќи ја целокупната моментална ситуација во руско-украинскиот судир, препорачуваме Министерството за одбрана да се стави во готовност и силно да го осуди признавањето на делови од Украина, за независни држави, од страна на Русија. Полагањето право на територии каде што живее руски народ, или територии што некој смета дека се неоправдано одделени и не се дел од границите на Русија, е веќе еднаш видено сценарио, кое се обидел да го реализира Хитлер анектирајќи ја Австрија, Чехословачка и Полска“, се посочува во Декларацијата.
Во Декларацијата се порачува дека на таквото сценарио треба да му се застане на патот и дека братскиот руски народ не може да биде агресор врз братскиот украински народ.
„Ако сите во Европа почнат да ги прелистуваат историските книги таму каде што некогаш биле границите, ни претстои мошне вознемирувачки период не само во Југоисточна Европа, туку и на Балканот и пошироко“, се додава во документот.