Словачка е голем поддржувач на евроинтеграциите на вашата земја и целосно ќе го поддржи пристапувањето, затоа што тоа е вистинската перспектива и вистинскиот начин на којшто ќе се напредува. Но ЕУ не може само да си игра со довербата на оваа земја затоа што доаѓа момент кога луѓето едноставно ќе престанат да и веруваат на ЕУ и можат едноставно да кажат дека не сакаат да бидат членка на овој клуб, затоа што по децении напорни вложувања и мачни реформи тие едноставно нема да го прифатат тоа, изјави шефот на словачката држава Петер Пелегрини на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Вила Водно.
Словачкиот претседател ја критикуваше ЕУ дека постојано се поставуваат нови услови кон земјава и според него со тоа Унијата прави голема грешка бидејќи ќе ја изгуби динамиката на проширување.
-Интеграцијата на вашата земја во ЕУ не треба да се злоупотребува со политички спорови и се согласувам со укажувањето дека пристапниот процес за земјата треба да се заснова само на исполнувањето на критериумите и ниту една земја не треба да го злоупотребува тоа, само за да може да се занимава со сопствените прашања и притоа да го забавува вашиот процес на пристапување, што е речиси еден вид уцена, потенцира словачкиот претседател.
Тој потсети дека земјава морала да донесе тешки одлуки, како што е промената на името и оти сме дел од претпристапниот процес над 20 години.
-И покрај тоа се уште немаме одговор на прашањето кога вашата земја ќе се приклучи кон ЕУ. Унијата ризикува со овој процес, ние како Словчака сме на ваша страна и ќе ве поддржуваме на сите можни начини затоа што веруваме дека иднината на ЕУ лежи во проширувањето, а сето тоа и безбедносно особено на овој регион и уверен сум дека имате цврсто место во ЕУ. Од страна на ЕУ ние мора да бидеме мошне чесни и да кажеме дали сме правични или само сакаме да го оддолжиме овој процес, нагласи Пелегрини.
Словачкиот претседател истакна дека Словачка отсекогаш и помагала на државава, но не секогаш сите можности се искористени и оти добро е да се интензивира заемната трговија и да се зацврстат конекциите и партнерствата, и за таа цел е потпишан Меморандумот за соработка.
– Ова не е само формално потпишување на Меморандум, каде само се фотографираме и го ставаме некаде во фиока, туку целта е да се развие ова понатаму. Со оваа средба и со средбата на министрите сакаме да работиме токму на развојот на економијата. Да, секако пристапувањето на Северна Македонија кон ЕУ ќе помогне во слободното движење на луѓе, стоки, услуги и по пристапувањето ќе има една нова динамика за земјата, која ќе биде од полза не само на земјата, туку и на ЕУ и може да помогне да се развие економијата на оваа земја затоа што во тој случај може да стане дел од поголем пазар со што ќе се олесни животот на граѓаните тука, во Северна Македонија, рече Пелегрини.