Никој не може да гарантира колку време актуелната политичка гарнитура ќе се одржи на власт во Бугарија и дали некоја наредна би можела да има нови барања од нас, рече македонскиот претседател, Стево Пендаровски во вечерашното гостување во „Патот кон“ на Алсат ТВ.
Тој се осврна и на барањето за впишување на македонските Бугари во Уставот.
„Сите знаеме дека преговорите со Европската Унија, во најдобра варијанта, траат со години. Во случајот со Хрватска, на пример, траеја цели седум години. Секоја наредна држава која влегува во европското семејство, предолго преговара. Дури и да е сѐ идеално, нема човек кој ќе каже дека сега може да се влезе во ЕУ за две до три години. А малкумина се оние кои ќе потврдат дека владата на Кирил Петков ќе издржи седум или осум години до нашиот евентуален влез во ЕУ. И што ќе се случи? – Ќе дојде некоја нова власт во Бугарија и ќе рече дека не важи ништо што е потпишано од страна на претходната власт. Ќе речат дека претходниците биле предавници на бугарската кауза. И од кого да бараме гаранции? Значи, не можеме да го отвораме Уставот по потреба секој понеделник“, нагласи Пендаровски.