Во интервју за телевизијата Канал 5, претседателот Стево Пендаровски оцени дека јазот меѓу власта и опозицијата е длабок и невозможно e тие да се договараат за било какво прашање. Притоа откри дека имал неуспешен обид да ги собере на заедничко гледање на фудбалскиот натпревар Македонија-Португалија.
„Имав обид да ги викнам да гледаме заедно фудбал, но од опозицијата ми одговорија дека веќе имаат договорено групно гледање фудбал на друга локација”, рече Пендаровски, илустрирајќи дека двете партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ никогаш не биле подалеку во своите политички гледишта.
„Ако не можете да договорите заедничко гледање фудбал, како тогаш ќе договорите средба за решавање на политички прашања”, рече претседателот.
Тој посочи дека средбата меѓу премиерот Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како што рече според информации со кои располага, не се одржува затоа што Мицкоски ја условил со договарање предвремени избори.
„Неприфатливо е на прва средба за запознавање на лидерите да се поставуваат услови, тоа може да се прави на втора или трета средба и според мои информации тоа е и една од главните причини што Ковачевски не се сретна досега со опозицискиот лидер Мицкоски”, рече шефот на државата.
Пендаровски во интервјуто откри и дека се обидел да посредува и за датумот за одржување на парламентарните избори во 2020 година.
„Се собравме во тројка јас и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Мицкоски и Заев, но средбата заврши без резултат, бидејќи не можеа да се договорат за датум за изборите, се разликуваа за околу десетина дена”, рече тој.