Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Пеце Мирчески доби 30-дневен притвор откако Финансиската полиција отвори истрага за сторени кривични дела примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата извршени за време додека бил директор.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основно јавно обвинителство за определување мерки за обезбедување против едно лица поврзано со истрагата за Службата за општи и заеднички работи при Влада на РСМ, по произнесување на осомничениот во присуство на негов бранител и Јавниот обвинител, донесе решение со кое: Се прифаќа предлогот на Јавниот обвинител и на осомничениот П.М. му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т. 1 и 2 односно Опасност од бегство и Можност да ја попречи истрагата со влијание врз сведоците, соопшти денеска Основниот кривичен суд Скопје.
Воедно, како што е наведено во соопштението, прифатен е предлогот за определување мерки за претпазливост против Г.П. согласно чл. 146 ст. т1,2,3 и 6 односно Одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, Забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, Обврска да се јавува во судот, Забрана за воспоставување комуникација со други лица поврзани со кривичното дело.
Неговата сопруга, дополнително, користела услуги за превоз со возила и возачи. А, Мирчески во патување до Софија, сам на себе си потпишал патување како новинар.