Aвтор: Академик Томе Серафимовски
Во спомен на мојата пријателка Светлана Христова-Јоциќ
Драга Светле,
Драга моја пријателке,
Пред да почнам да ти го пишувам ова писмо, прочитав неколку стихови од оние што си ми ги посветила. Потоа, многу размислував. Па ми се наметна прашањето за твојата адреса! Каде, всушност, да ти го упатам текстот? До Вечниот дом?! Повеќе би сакал тоа да беше некоја сосема друга адреса. А потоа, некако ми се наметна еден замислен разговор, еден спроти друг, како во старите времиња.
Се вратив некаде во далечната 1971 година, кога започна и нашата дружба, кога почнав да создавам повеќе сулптури и идејни решенија за споменикот на Кирил Пејчиновиќ-Тетоец во Тетово. Тогаш, наедно, почнав да го работам и самиот споменик. Ти ме посети во моето ателје во Гостивар а, потоа, беше и еден од сведоците, заедно со колегите Јордан Грабул и Маринко Бензон, како го создавав споменикот.
Истовремено, со благослов на академик Харалампие Поленаковиќ, инаку роден гостиварец, почнав да ги моделирам културните дејци од XIX-от век, претставниците на македонската преродба. Колку за потсетување, ќе спомнам неколкумина од нив: Ѓоргија Пулевски, Партение Зографски, Панајот Гиновски, Ѓурчин Кокалески-Кокале, браќата Миладиновци… а ќе завршам со Димитрија Чуповски и со Крсте Петков-Мисирков.
По повеќе наши средби, почитувана Христова Светлино, неочекувано, на мое големо задоволство, ме покани да ти бидам гостин во твојата емисија „Камен земја“ што беше дел од Образовната програма на Радио Скопје. Потоа, чинам по една недела, во закажаниот термин, дојдов во Радио Скопје и почнавме со снимање на разговорот. Темата ми беше и блиска и сосема јасна бидејќи, за мене, од земјата и од каменот нема ништо подобро и поблагородно.
Кога го започнавме разговорот на договорената тема „Камен земја“, за мене тоа беше толку возбудливо и инспиративно што, во тој миг, во мене како да проговорија, како да проникнаа, и каменот и земјата. Ти се сеќаваше мошне добро и мошне долго што мислев уште тогаш за земјата, што создадов со земја дотогаш и какви теми и дилеми ме очекуваа во иднина. Уште пред таа емисија, а и подоцна, па сè досега, драга Светлино, околу шеесет години се измачувам со барањето духовни разрешници и вредносни содржини и форми кои од камен и од земја можат да создадат големи уметнички дела.
Во една пригода, големиот Мирослав Крлежа ќе рече: Во еден блок камен има илјадници скулптури, а на скулпторот му останува само една задача – да создаде барем една добра скулптура (U jednom bloku kamena ima na tisuće skulptura, a na kipara ostaje samo jedan zadatak – da stvori bar jednu dobru skulpturu).
Да бидам искрен, драга пријателке, пред да дојдам на снимањето на разговорот во Радио Скопје, потпрочитав нешто за тебе и нешто од твоето дотогашно творештво, а и потпрашав некои пријатели. Добро се сеќавам дека меѓу нив беа Славко Јаневски, Томе Момировски и Анте Поповски.
Сите кажувања за тебе беа мошне коректни и позитивни.
Па ти и навистина беше извонреден човек и неодминлив творец, со посебни дарби кои ги носеше во себе а, не случајно, уметноста на зборот и ликовната уметност ги имаше постојано и околу себе, во најблиското опкружување.
Неминовно е, во оваа пригода, да ги споменам и Петре М. Андреевски, еден од најдаровитите а, воедно, и најпопуларните македонски поети и раскажувачи, и Владо Јоциќ, архитект, познат и признат карикатурист, сатиричар и илустратор, со многубројни меѓународни награди, кој ти беше и животен сопатник и голем поддржувач, а тука е и твојот Сергеј Андреевски, сликар, извонреден претставник на експресионизмот во македонската ликовна уметност кој, за жал, е поприсутен во странство отколку во македонската ликовна стварност.
Неодамна, во градот Саутпорт, на брегот на Атлантикот во САД, Сергеј за прв пат ги излагаше делата од својот најнов циклус „Кучиња“. Можеш да се гордееш со него. Вчера, додека размислував околу текстов, случајно го сретнав и колегата Гиче Чемерски кој ме информираше дека тој, твојот Сергеј, е добро.
Погоре го спомнав Славко а сега почувствував потреба да се навратам на времето кое и тебе ти беше добро познато и на кое заедно му се враќавме обновувајќи ги спомените. Можеби некому ова ќе му зазвучи патетично или пренагласено интонирано, но со Славко и со неговите дарби, и за литература и за сликарство и за музика, ги минав, во нераскинливо пријателство, последните триесетина години од неговиот живот. Заеднички минавме безброј денови и ноќи, во Скопје, во Охрид, во Струга, во Гостивар, во Маврово и каде уште не.
Тоа беше време на создавање, време на инспирација, време исполнето со безгранична љубов кон сѐ што подразбираше творештво.
Во каталогот за мојата изложба „Македонската преродба“, отворена во Центарот за култура во Скопје, во далечната 1973 година, нашиот заеднички пријател Славко напиша текст, мошне присушт за неговата необична творечка имагинација. Ќе си допуштам да го цитирам почетокот: Секој народ си го бара коренот во длабочината. Името на сите народи на планетата им е различно, a значењето заедничко, тоа е минатото… Е па тука се нашите корени, драга пријателке, тука никнавме, на оваа почва и тука ја биевме и сѐ уште ја биеме нашата долговековна битка за опстојба – и биолошка, и национална, и културна и политичка…
Еднаш, драга моја Светле, во еден од разговорите, ја спомнавме книгата „Орач меѓу скелети“ што Славко ја создаде некаде пред триесетина години, но ниту за миг не помисливме колку бил тој, нашиот пријател, подалековиден од сите нас. А уште пред повеќе од четиринаесет години тој се всели во македонскиот Вечен дом. Понекогаш дури се прашувам и дали се среќавате и како ви е вам таму? Но најчесто ме прогонува помислата дека толку многу години порано Славко предвидел дека орачот меѓу скелети ќе заора и во неговиот скелет.
Ете, тоа и се случи некаде кон средината на 2013 година. Токму во времето кога ваму, кај нас, по разни поводи и на разни начини, се одбележува 100-годишнината од т.н. Букурешки мировен договор, од времето кога поголемите држави ја черечеа нашата беспомошна татковина – Македонија.
Оваа реминисценција за одбележувањето на т.н. „100-годишнина“ од Букурешт ми беше, всушност, повод за да ги споменам лустрациите замислувајќи си како ќе реагираше ти доколку беше сведок на овие „патрдии“.
Имено, овдешнава Комисија за лустрација или, попрецизно, Комисија за верификација на фактите на РМ, од некого призната од многумина непризната, го лустрираше Славко Јаневски, односно го оквалификува како кодош бидејќи, наводно, драга моја Светле, Славко бил соработник на службите за државна безбедност, тогашната УДБА. Објаснувањето беше дека суштинската соработка на Славко била со намера да го спречува развојот на одредени млади писатели и други автори од областа на уметностите. Ме обзеде неверица!
Си помислив дека е некоја дезинформација што ќе биде демантирана мошне бргу. Но тоа не се случи, иако целата македонска јавност беше згрозена од овој чин. Мојот ум работеше со молскавична брзина. Притоа се сетив на насловот и на почетокот на една твоја беседа: „Молк или збор“!
И немав дилема. Веднаш решив дека морам, како што велиш ти во беседата, молкот да го потиснам со неговото величество – зборот. По тој повод, се јави и колегата Божин Павловски. А потоа, речиси по итна постапка, и двајцата бевме „лустрирани“, од истата „Комисија“, затоа што јавно застанавме во одбрана на личноста и на делото на Славко Јаневски.
Овој неправеден чин кон Славко резултираше со остри реакции и неприфаќање на одлуката и од страна на МАНУ, ДПМ, Македонскиот ПЕН-центар и на пошироката културна јавност во Македонија. МАНУ дури и јавно побара преиспитување на одлуката, но барањето беше отфрлено од страна на Комисијата како неаргументирано.
Овие и сличните лустрации беа објаснувани како прочистување од гревовите направени со намера да се постигне некоја повисока функција. Верувам дека и ти не би можела да замислиш дека Славко, кој не сакаше да слушне за никаква функција, би можел да се занимава со такви тривијалности. А замисли го пак, сега, 14 години по физичкото заминување, тој човек да „бара“ функции, веројатно за да го спречи орачот меѓу скелети да го изора и него.
За мојата т.н. лустрација јас дознав преку средствата за јавно информирање, и тоа токму на 14 јули, на мојот роденден. Мошне достоинствена честитка, нели! А никогаш во животот ниту сум имал ниту сум побарал некаква функција. И одново голем број реакции, протести и незадоволства од пошироката македонска јавност. Некои, можеби малку од страв или од само ним познати причини, не се огласија, туку само лично ми ја изразуваа својата поддршка.
Но, сепак, имаше многумина со поголема храброст и со доблест, кои предизвикаа восхит и кај мене и кај јавноста. Меѓу нив беа академиците Божин Павловски, Георги Старделов, Катица Ќулавкова, како и нашиот театарски режисер Слободан Унковски – признат и познат и дома и во светот.
На мое големо изненадување и со неизмерна благодарност, сакам да го спомнам реагирањето на познатиот историчар на уметноста Златко Теодосиевски кој вели: …да го крстиш Серафимовски кодош само врз основа на оние два смешни документи што ги објавува Инквизицијата на Аџиев е – лудило. Зашто тие не се само смешни, тие се ступидни.
Секој од нас, на кафеанска маса, на работа, на улица, дури и пред непознати меѓу кои сигурно имало по некој професионален кодош, изрекол посилни, поцврсти, поконкретни зборови за некого или нешто! … Се јавија уште неколкумина други интелектуалци и јас им се извинувам што не ги именувам во оваа пригода.
Често размислувам кој и како ќе ги лустрира сегашниве соработници на службиве коишто зедоа на душа многу луѓе. Колку што ми е мене познато, од литературата и од добрите познавачи на оваа област, секоја сериозна држава, со сериозни служби, не би можела да опстане и да функционира без вакви соработници кои, притоа, мислат дека тоа го прават од патриотизам, а не како т.н. кодоши.
Во неделата, на 20 април, на Велигден, јас и моето семејство патувавме за Гостивар. Во автомобилот беше и мојот три и полгодишен внук Богдан. Движејќи се по автопатот, некаде пред Гостивар, почна да врне снег.
А на неколку повеќедецениски, стари штрковски гнезда веќе беа долетале овопролетните штркови во Гостиварско. Не знам дали со тебе, драга пријателке, некогаш сме разговарале за штрковите, но во оваа пригода сакам да спомнам дека штрковите предизвикуваат во мене голема возбуда, асоцијација на родословје, на потомство, на рожби и на сè што е интимно поврзано за човекот. Јас и тогаш, на Велигден, кога ги видов штрковите, бев возбуден.
А Богданче, онака детски, ми се обрати: „Дедо, ене штркови, паѓа снег, ним не им е студено?“ Во мигот не можев поинаку да го смирам, освен да му кажам: „Не, дедино, тие се облечени во бели мантили, зар не им ги гледаш?“ Ти ги спомнувам штрковите, драга Светле, како еден симбол зашто многу добро знам колку ги обожаваше животните. Во една песна, што ми ја имаш посветено и ми ја подари, присутен е симболот желка и, притоа, велејќи дека таа никаде не оди без својата куќа, ми се обраќаш мене со зборовите: Ти, мил Томе / Серафим / Никаде / и /Никогаш / без / Твоето / високо искренато / Творештво / и / без Твојата / куќа:/ Земјата – / Македонија.
А сега, драга моја Светлино, да проговорам малку за себе. Здравјето не ме служи многу. Но, благодарение на мојот прекрасен брат Владе, на неговата професионалност, на нашата братска љубов, но и на мојата животна дисциплина, некако го туркам овој лажовен век. Последниве три години имав три изложби – една во Српската академија на науките и уметностите, на тема „Балканско соѕвездие“, а ти добро знаеше колку години ја работев таа тема и кои личности ги опфаќам. Минатата година, по повод одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на Петар Петровиќ II Његош, во Црногорската академија на науките и уметностите се одржа голем меѓународен собир. Учествував со 12 мои творби, и тоа со 7 скулптури и со 5 цртежи.
Сè заедно – 12, како симбол на 12-те апостоли. И, на крајот, со големо задоволство, целата изложба ѝ ја подарив на ЦАНУ. За тоа, Академијата ми возврати со голема благодарност, со почит и со љубов, и ми објави еден пристоен каталог.
Во 2012 година МАНУ славеше 45 години од основањето. Многу размислував каква изложба да направам по тој повод и што да им подарам на нашата Македонска академија, на македонскиот народ и на нашата мила татковина Македонија.
Бидејќи стануваше збор за 45-годишнина, одбрав 45 скулптури, изведени во бронза, во мермер и во оникс, од сите области на моето создавање. За секоја година, по една скулптура. Симболично, одбрав и 33 цртежи, велам симболично бидејќи Исус Христос живеел 33 години, а броките 45 и 33 ја даваа бројката 78, а тоа тогаш беа годините на мојата возраст.
Во мигов, а и веќе неколку години, паралелно работам еден циклус на тема „Жената како инспирација“. А женските скулптури, од прва до последна, ги работам исклучиво во полублагороден камен – во оникс. Работејќи на оваа тема, ги читам рубаите на Омар Хајам, познатиот персиски поет, ерудит, филозоф, астроном, математичар и што уште не друго, од средината на 11-тиот и првата половина на 12-тиот век. Во оваа пригода, сакам да ти се обратам со едно негово рубаи, односно четиристишие:
Верувајте, страв немам од мојата умирачка,
Пострашна е одредената од судба живејачка!
Сал за нејна поддршка душата ја добив јас,
И ќе ја вратам штом дојде мојот смртен час!
Есеноска, на 10 октомври 2013 година, на Денот на Академијата, во градината што се наоѓа во срцевината на објектот на МАНУ, тоа е оној запуштен и неуреден простор кој честопати го гледавме низ прозорецот од моето ателје и го коментиравме, заедно со тебе, со проф. Љубинка Басотова и со други пријатели, се случи следново: со голема желба и со финансиска поддршка на драги пријатели е создадена т.н. Скулпторска градина – Подарок за навек од акад. Томе Серафимовски. Во тој прекрасен простор се поставени скулптурите што ѝ ги подарив на МАНУ во 2012 година. Си замислувам колку би ѝ се радувала ти денес на таа глетка од прозорецот на моето ателје.
Пред да го завршам ова мое писмо, драга Светле, одеднаш ми дојде на ум дека овде, всушност, не е ништо променето на подобро откако нè напушти, откако физичи го осиромаши нашиов културен простор. И можеби затоа, сега, за крај, најсоодветни на околностите и најблиску до моето настроение се токму последните два стиха од песната „Молитва“ на Блаже Конески, поместена во неговата стихозбирка „Црква“:
Дај, Господе, што помалку очите да им бодам,
штом тие лево ќе фатат, јас десно да одам.
Со почит и со љубов,
твојот духовен воин Томе Серафимовски
Томина недела,
27 април 2014, Скопје