Една мајка на девојче со Даунов синдром деновиве ми се јави, вознемирена бидејќи нејзината деветгодишна ќерка не може да се снима на магнетна резонанца, а има неподносливи болки во левото колено. Ми кажа дека првиот слободен термин за снимање преку комјутерскиот систем „Мој термин“ бил дури во септември.
Таа ми објасни дека Верче не може да чека скоро пет месеци бидејќи од болки во коленото не може да се движи.
Ми раскажа дека ортопедот во Струмица кога видел дека системот не му дава пристап за да закаже термин, се обидел да креира приоритетен упат, но и тука имало блокада. Успеал да креира приоритетен упат само до ортопед во Скопје, за тој потоа да се обиде да закаже снимање на магнетна резонанца, доколку успее, се разбира.
Но, за среќа немаше потреба од тоа. Благодарение на вољата на добри луѓе, Верче успеа да се снима уште утредента, веднаш откако јавноста беше запознаена со случајот. Не и требаше ниту упат, ниту закажување.
Снимањето со магнетна резонанца кај децата со посебни потреби се врши под дејство на анестезија за да не се вознемират, од што зависи и резултатот на снимката. Вакво снимање се прави исклучиво на скопските клиники каде што работи само еден апарат попладне, иако, како што велат лекарите, можат да работат и двата апарати за да се намали времето на чекање.
Снимањата се прават еднаш во неделата и тоа не е доволно. Деца има многу, а денови за снимање малку. Тоа е причината што Верче не можела да дојде на ред до септември. Деветгодишната Верче е само едно од децата со посебни потреби кои имаат проблеми со закажување на термин за преглед, снимање, анализи.
Компјутерскиот систем „Мој термин“ не ги препознава децата со посебни потреби. Тие не само што се третирани исто како и останатите, туку и полошо, што покажува и примерот со снимањето на Верче. А, овие деца всушност многу често имаат потреба од прегледи и лекувања.
Тие чекаат по еден до два месеца за да закажат преглед на скопските клиники, а доколку успеат да добијат приоритетен упат за побрзо, мора да чекаат да завршат прегледите на сите пациенти, за потоа околу 14 часот да влезат кај лекарот. Тогаш, според кажувањето на мајките децата стануваат нервозни, немаат концентрација од долгото чекање и прегледот не е успешен бидејќи детето не може да соработува.
Каков здравствен систем е ова, кој ги третира на ваков нехуман начин децата со посебни потреби? Размислуваа ли тие во Министерството за здравство кога го воведоа електронското закажување на прегледи и снимања, дека постојат деца кои имаат посебни потреби и на кои им треба посебен третман? Наместо да им го олесни патот до здравствените услуги, системот „Мој термин“ им го отежнува.
Тие не знаат да кажат дека не можат да чекаат, но мајките најдобро знаат колку болат детските солзи. За Управата за електронско здравство „Мој термин“ сите пациенти се исти. И Верче, како и останатите деца со посебни потреби е само број, статистика. И со тие бројки, со вкупно издадените упати надлежните се фалат и излегуваат на прес конференции секоја недела.
Станавме општество во кое се се пресметува математички, се калкулира, се собира, се множи. Се, со цел бројките да бидат поголеми. Да се види како со полна пареа работи здравството во Македонија. Тоа, што кога ќе се појавите кај лекарот, додека се соблечете поминале вашите 15 минути, тоа не е важно. Битно е дека прегледот поминал и вие сте влегле во бубањ, сте поминале и сте станале дел од статистиката.
Управата за електронско здравство „Мој термин“ веднаш по објавувањето на сторијата излезе со реакција за да демантира. Од таму тврдат дека „Мој термин“ функционира беспрекорно! Каква смелост! Лекарите многу добро знаат во што е проблемот кога ќе отворат компјутер, а таму на пример, им покажува дека има слободен термин за три дена. Но кога ќе се обидат да закажат,системот не дозволува да се одбере најраниот термин заради ред причини: дијагнозата или делот од телото кој треба да се снима или несоодветна возраст на пациентот. Во случајот дете со посебни потреби. Ете, го вашиот електронски систем на закажување со кој не залажувате дека воведовте ред.
Зошто ова не го објаснивте во вашиот демант, господа од Управата за електронско здравство„Мој термин“? Туку напишавте дека „прв слободен термин на магнетна резонанца на скопските клиники во моментот на пишувањето на оваа реакција е за еден работен ден од денес“. Дали сте сериозни? Вие таму, што управувате со електронскиот систем, очигледно не разбирате дека работите со луѓе, додека управувате со комјутерите. И ете приказната излезе во јавноста, Верче се снимаше и конечно ќе се најде лек за нејзината болка. Но, колку деца останаа да чекаат? Дали преку медиумите треба да се решаваат проблемите во здравството? Многу луѓе се јавија да и помогнат на Верче, не се јави единствено министерот Тодоров. До, него не допре плачот на едно дете. И не е само проблем закажувањето.
Кога треба да бидат задржани на лекување децата со посебни потреби, нивните мајки плаќаат по 800 денари дневно за да останат со своите деца во болница. Клиниките и болниците им наплаќаат за престојот како во хотел! Иако со себе носат Наод и мислење, потпишан од повеќе доктори во кој јасно стои дека детето не може само да се опслужува и мора да има придружник со него, уште на влезот, на прием тие буквално ги пљачкаат. Заработуваат на маката на овие родители! А, која услуга, каква храна и кревет добиваат во болниците, само тие си знаат.
Некогаш, ноќта ја поминуваат на столче, само да бидат со своето дете. Од друга страна, тие им помагаат на вработените со своето присуство бидејќи таму нема доволно кадар кој би се грижел за секое дете посебно. За десет дена поминати во болница, мајката само за себе треба да плати 8000 денари.
Со вкупно 4000 денари колку што државата им дава како посебен додаток треба да се плати дефектолог, логопед, лекови или престојот во болница? Очигледно, инспекциите никогаш не биле таму да проверат зошто болниците во своите Статути донеле ваква незаконска одлука. Ова е многу поважно да се реши, отколку да се ловат докторите кои пушат во ноќните часови на дежурство, зар не министре?
Исто како што треба да се реши проблемот на Стоматолошките клиники. Таму децата со посебни потреби чекаат на ред со недели за да дојде анестезиолог бидејќи и овие интервенции се прават со целосна анестезија. Маката на овие семејства и на овие деца, нема крај.
Ете, каква е грижата и колку е добар овој здравствен систем! Систем во кој наместо да заземат посебно место, да се стимулираат и поддржуваат, овие деца се на маргините. Исто како во образованието каде што не се вработуваат дефектолози во училиштата, логопеди, психолози, процесот на инклузија затајува. Државата и здравствениот систем паднаа на тестот по етика пред овие деца. А,случајот со Верче само го потврди тоа.