Новиот состав на словенечкиот парламент ќе вклучува пет политички партии, двојно помалку од сегашните, а новата влада ќе ја формира Роберт Голоб од Движењето за слобода (ГС) кое освои најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори во Словенија.
„Според нецелосните резултати, а по пребројани над 80 отсто од гласовите, партијата на Голоб освоила 33,7 отсто од гласовите и има 40 пратенички места во 90-члениот парламент“, пренесува Хина.
Голоб, 55-годишен менаџер и релативно ново лице во словенечката политика, синоќа рече дека партијата ја постигнала величествен изборен резултат и дека сака да формира нова влада што е можно поскоро.
„Сите вие сте заслужни за слободата што утре ќе дојде во Словенија“, рече Голоб во пораката до членовите на неговиот изборен штаб, говорејќи преку зум од неговиот дом, каде што е изолиран од почетокот на неделата поради инфекција со коронавирус.
Тој особено се заблагодари за поддршката од граѓанските организации и младите која, како што рече, го инспирирала и најави дека подобрувањето на условите за живот на помладите генерации ќе биде еден од приоритетите во неговиот мандат.
Голоб изрази особена воодушевеност од високата излезност на изборите, која според неофицијални податоци е околу 65 отсто, а тоа на идната влада и дава посебен легитимитет и одговорност да го исполни ветеното во партиската програма.
На второ место е Словенечката демократска партија (СДС) на актуелниот премиер Јанез Јанша која освои 24,5 отсто од гласовите, односно 29 пратенички места.
Според изборните резултати, демохристијанската Нова Словенија (НСИ) ќе има осум пратенички места, Социјалдемократите – седум и Левицата – четири.