Немаме никаков договор, но имаме сигнали дека попладнево е можна средба во Владата, најави претседателот на Синдикатот на образованието, науката и културата, Јаким Неделков на денешната прес-конференција.
„Договор со ресорните министри до овој момент немаме, меѓутоа има сигнали за можна средба во Владата попладнево. Доколку се оствари, дополнително, во текот на денот, ќе соопштиме детали и резултати“, најави Неделков.
Тој упати апел до Владата да изнајде сили за исполнување на нивните барања кои се однесуваат на усогласување на платите и изрази надеж дека до крајот на денот би можело да има добри вести.
„Доколку членството се изјасни позитивно по понудата, се надевам дека можеме да соооштиме добри вести“, додаде Неделков.
На прес-конференцијата, освен раководството, се обрати и директорката на Европската конфедерација на синдикатите за образование, Сузан Флокен.