Брисел да се одважи и да го исполни својот дел од обврската и час поскоро да биде одреден датум за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, со што ќе се означи и почеток на преговорите. Процесот треба да продолжи што е можно поскоро, бидејќи Северна Македонија ја одработи својата задача во однос на зачленувањето во Европската Унија.
Ова се пораките што вчера ги упатија премиерот Димитар Ковачевски и американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз кои посочија дека најавениот стратешки дијалог со САД е процес кој е почнат уште поодамна и не претставува никаква замена за членството во Унијата.
Премиерот Ковачевски вчера истакна дека е на иста линија со шефот на дипломатијата Бујар Османи, нагласувајќи дека повеќе пати досега нагласил оти земјава веќе 17 години е кандидат за членство и досега 45 отсто од нејзиното законодавство е хармонизирано со законодавството на ЕУ.
Имено, Османи најави конкретен дијалог и конкретни чекори за решавање на спорот со Бугарија во наредните две недели, но и порача дека ова лето Северна Македонија ќе ги чека Бугарија и ЕУ да го преземат вистинскиот чекор во однос на земјава, а доколку тоа не се случи, тој смета дека треба да се повлече линија.
Според Ковачевски, државата донесе тешки одлуки и време е ЕУ конечно да донесе одлука за одржување на првата меѓувладина конференција. Премиерот смета дека секој процес, кој трае долго, а кој нема резултат на крајот доведува до намалување на довербата кај граѓаните во земјава, кои, пак, како што кажа, даваат силна поддршка на евроинтергативниот процес.
За тоа каде ќе се движи земјата ако не добиеме датум за преговори во јуни, Ковачевски истакна дека правецот се секогаш евроатлантските интеграции. Појасни дека ќе продолжат да работат на усогласување на законодавството, на процесите во државата за зголемување на нашата соработка со сите земји-членки во ЕУ, но и на зголемување на нашиот стратешки партнерски однос со САД.
Ковачевски лично, како што напомена, не се врзува за датуми, но сепак нагласи дека проширувањето на ЕУ во регионот во моментов не е само политичко и економско прашање, туку и геостратешко, поради војната во Украина и интересот на трети земји да не се случи проширувањето со земјите од Западен Балкан.
Американската амбасадорка Брнз вчера, исто така, порача дека процесот треба да продолжи што е можно поскоро. Нејзиниот став е дека Северна Македонија ја одработи својата задача во однос на зачленувањето во Европската Унија. Амбасадорката изрази надеж дека Северна Македонија во јуни ќе добие датум за почеток на преговори.
„Сметам дека Северна Македонија ја одработи својата задача во однос на членството во ЕУ и сметам дека процесот треба да продолжи што е можно побрзо. Сакам да истакнам дека стратешкиот дијалог, кој го воспоставивме не претставува замена за членството во ЕУ, туку станува збор за унапредување на односите, кои досега сме ги имале“, истакна Брнз.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, смета дека во јуни нема да се тргне ветото, а она што реално може да се случи е да се одржи втората меѓувладина седница на Софија и Скопје. Тој побара од Европа да се обедини во однос тоа што и се случува на земјава во евроинтегративниот процес, како што се обедини за Украина, за конечно во јуни да ги отпочнеме преговорите.
Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи промените во македонскиот Устав барани од Бугарија, бидејќи немаме никаква гаранција дека со тоа се затворат сите отворени прашања меѓу двете земји.