Вашингтон: Се очекува за време на викендот претседателот на САД, Џо Бајден да се повлече од трката за реизбор, објави денеска американскиот портал Аксиос повикувајќи се на неколку неименувани високорангирани демократи.
Тие тврдат дека Бајден приватно се помирил со сè поголемиот притисок, лошите резултатите на анкети и прашањата за неговата возраст и способност, што го оневозможува да ја продолжи кампањата.
Највисоките лидери на неговата партија, неговите пријатели и клучните донатори веруваат дека тој не може да победи, не може да ја промени перцепцијата на јавноста за неговата возраст и остроумност и не може да постигне мнозинство во Конгресот.
Најновата анкета на Асошиејтет прес покажа дека две третини од демократските гласачи сакаат Бајден да се повлече и да биде заменет со друг кандидат.
Досега најмалку 20 демократски конгресмени јавно го повикаа Бајден да ја прекине кампањата по неговиот незадоволителен настап во дебатата со поранешниот претседател Трамп.