Спикерот Гаши ги повика сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат мирен, фер и демократски изборен процес.
Повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша, како и Центар Жупа ќе се одржат на 11 јануари 2026 година, – соопшти денеска во писмена изјава претседателот на Собранието Африм Гаши.
Тој вели дека во, својство на претседател на законодавниот дом ја потпишал одлуката за распишување на изборите, во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство.
Со стапувањето во сила на овој акт, надлежните институции започнуваат со спроведување на законските рокови и процедури. Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации да постапуваат совесно, транспарентно и професионално. Ги повикувам сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности. Исто така, им се обраќам на граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да учествуваат на гласањето – се вели во писмената изјава на претседателот на Собранието Африм Гаши.

