Пожарите што беснеат во Шпанија од минатата среда уништија најмалку 60.000 хектари шума, јави телевизијата RTVE, цитирајќи власти во различни региони.
„Ова е најлошата огнена катастрофа откако се води евиденција. Еден од факторите кои придонесуваат е силниот топлотен бран предизвикан од климатските промени предизвикани од човекот“, изјави директорот за цивилна одбрана, Леонардо Маркос за радио станицата „Кадена Сер“.
Како што пренесе агенцијата ДПА, ситуацијата е особено лоша во Замора, во близина на границата со Португалија, и во Авилја, северозападно од Мадрид. Во овие две провинции, од неделата околу 10.000 луѓе од околу 50 села мораа да бидат евакуирани.
Во Замора две лица загинаа, а најмалку 15 се повредени, додека 30.000 хектари шума се изгорени до корен.
„Замора се претвора во пекол“, гласи насловот на онлајн весникот „Замора њуз“.
Од почетокот на годината, пламените јазици веќе уништија повеќе од 100.000 хектари во Шпанија, што е за речиси 13.000 хектари повеќе отколку во целата 2021 година, информира RTVE.