Додека пратениците од владејачкото мнозинство образложуваа закони, нивните колеги од опозицијата истакнуваа транспаренти со што ја стартуваа најавената активна блокада на законодавниот дом, па координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците, Илир Даути побара пауза што беше дадена до 14:30 часот. Даути го образложи барањето со загрозување на демократијата, а претседателот на парламентот, Талат Џафери не знаеше како да се справи со ситуацијата, и постојано апелираше да се следат точките на дневен ред.
Според пратеникот на СДСМ и координатор на пратеничката група, Јован Митрески, сликата со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со транспарентите околу собраниската говорница, како што рече, е вистинската слика за единствената опозиција во светот која блокира Собрание во светска економска и енергетска криза. Истакна дека блокадите на важни закони не се национален спас како што тврди ВМРО-ДПМНЕ. „Не може ВМРО-ДПМНЕ да е за спас на земјоделството, кога три месеци го блокира Законот за земјоделство и рурален развој, не може да е за спас на енергетиката, а осум месеци го блокира Законот за фотоволтаици. Две години го блокирате законското решение за локални патишта и инфраструктура. Ова е тоа што вие го нудите како наводен национален спас“, посочи Митрески. Митрески истакна дека доколку ВМРО-ДПМНЕ сака избори треба да обезбеди 61 пратеник за распуштање на Собранието но тоа не може да го направи па затоа се обидува да ја блокира работата на Парламентот.
Пратениците од СДСМ на седницата ги изнесуваа своите ставови и уверуваа дека ја зборуваат вистината, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ постојано ги покажуваа транспарентите. Тоа се случуваше и додека претставниците на Владата ги образложуваа законите од своите ресори.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери ги опоменуваше пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не е нивна задача да ги бројат присутните пратеници или да ги фотографираат.
Собранието не го усвои предлогот на група пратеници од опозицијата по итна постапка да се донесе законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.
Со 56 гласа „за“ беше предложено да бидат на дневен ред измените и дополнувањата на Законот за превоз во патниот сообраќај и за пензиското и инвалидското осигурување по скратена постапка.
На дневен ред на денешната седница се повеќе предлог-закони, главно од областа на финансиите и одбраната. Пред пратениците се и неколку предлог – одлуки, како и годишни извештаи за работата на државни агенции, комисии, МРТ и Судскиот совет. Ќе се разгледува и годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година.