Австралискиот премиер Скот Морисон го призна поразот на парламентарните избори, велејќи дека тоа била „тешка ноќ“ за неговата конзервативна влада, пренесува агенцијата ДПА.
„Вечерва разговарав со лидерот на опозицијата и идниот премиер Ентони Албанес и му честитав на изборната победа“, рече Морисон.
Лабуристите ќе можат да формираат малцинска влада, но, според ТВ „Еј-Би-Си“, може да добијат и доволно гласови за мнозинска влада.
Според прелиминарните бројки, партијата може да смета на најмалку 71 место во Сенатот, каде што се неопходни 76 места за да се дојде до мнозинство, додека конзервативната коалиција на Морисон освои само 49 места.
Повеќе од 17 милиони луѓе излегоа да гласаат пополнување на 151 место во Долниот дом и пола од 78-те места во Сенатот.
Гласањето е задолжително во Австралија. Излезноста во 2019 година беше околу 92 отсто. Изборите се одржуваат на секои три години.
Клучни теми во изборната кампања беа економијата, климатските промени и националната безбедност.
Многу Австралијци ја гледаат климатската криза како огромен проблем, особено по неодамнешните екстремни поплави на источниот брег. Земјата, исто така, претрпе и други екстремни временски настани и катастрофи поврзани со климата, вклучувајќи сериозни пожари, суша и избелување на коралите во последниве години.
Морисон е цврст поддржувач на индустријата за јаглен.
За пандемијата речиси и не се разговараше за време на изборната кампања, иако земјата забележа повеќе од 50.000 нови инфекции во петокот.