16-ти април
Кампањата за избор на претседател на Република Северна Македонија кандидатите Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска Мирчевска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски и денеска ја продолжија на средби со граѓаните, со јавни настапи пред медиумите и на митинзи.
По ред, согласно ждрепката на ДИК и избирачкото ливче кое гласачите ќе треба да го пополнат за еден од кандидатите во првиот изборен круг на 24- овој месец, Нова тв.мк катадневно и денеска презентира ивни ставови изнесени пред граѓаните на терен и во јавноста воопшто.
Стево Пендаровски – Свети Николе:
- Имајќи предвид дека во изминатите пет години постојано бил меѓу своите сограѓани, тие знаат за што се залагал и знаат дека така ќе продолжи и во следниот мандат. Во оваа насока Пендаровски посочи на двете големи придобивки за земјата во последните неколку години, односно членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.
- Овие избори се многу важни. Не смееме да дозволиме да се врати претходната власт. Постигнавме добри договори, се смиривме и се договоривме со соседите. Тие сакаат одново да преговараат и да изгубиме уште 10-15 години. До тогаш овие деца што ги гледаме тука ќе заминат од Македонија”.
- Како претседател не ги дискриминирав луѓето по ниту една основа и не ги делел на наши и на ваши и аде да продолжиме со истите овие луѓе. Не ни треба пак да се караме внатре меѓу нас или пак да се караме со соседите. Мојот слоган е „Нашиот претседател” затоа што јас сум ваш, вие сте мои, сите сте наши.
- Тие три години како политичка партија се борат против промена на Уставот, да не биле Бугарите дел од преамбулата на Уставот. Но госпоѓата не зборува за тоа. Таа зборува за нов Устав. Внимавајте, зборува за граѓански Устав. Дали во тој граѓански устав како што го нарекуваат ќе има воопшто место за Македонците? Според мене тоа е многу опасна идеја освен ако госпоѓата не се потруди да објасни што подразбира под нов, граѓански Устав.
Гордана Сијановска Давкова – Валандово:
- Оваа глетка во Валандово, ќе се насмеете, ме потсетува на калинката. Ни треба единство, ни треба консензус за најважните прашања. Треба да се сплотиме како калинка, сите, без оглед на каква било припадност. Особено треба да се сплотиме со дијаспората.
- Во годините на крајот на 19 век низ Европа, особено во Лондон во Бајроновото друштво, се дикутирало за Балканот и за Македонското прашање. Еден од најпопуларните британски премиери, Вилијам Гледстоун го напишал писмото до Бајроновото друштво со наслов: „Зошто не Македонија на Македонците?“ Во писмото вели: Зошто не и на тој мал народ да си ја земе судбината во свои раце? Така ќе има гаранција за мирот“. Сега повторно, мора да си ја земеме судбината во свои раце“.
- Дали оваа власт ве прави горди? Дали сме горди кога прифаќаме рамка што ниту една друга земја – кандидат ја немала? Дали сме горди кога за нас се поставуваат посебни услови? Дали сме горди кога сиромаштијата е најголема во Европа? Дали сме горди кога егзодусот на младите е неповратен? За жал, Валандово се празни. Затоа граѓаните треба како река на 24-ти април и на 8-ми мај да покажат дека тие се носителите на суверенитетот.
Стевчо Јакимовски – Скопје:
- Најголема поддршка ќе имаат младите лекари, поготово специјализантите коишто во Република Македонија не наоѓаат на разбирање. Можете да замислите еден специјализант кој специјализира шест години да биде без здравствено осигурување, а да работи токму во здравствениот сектор.
- Инсистирам придонесот за здравствено осигурување да е врати на 13 отсто. Тоа значи дека ќе имаме средства доволно и за покачување на платите во здравството и за обезбедување на материјални услови и за специјализација и за праќање во странство на здравствените работници, како и она што е најбитно, за набавка на нова опрема и усовршување на нови методи, инвазивни и неинвазивни методи за лечење на пациентите, како би можеле во што пократок рок повторно да се вратат во функционална способност, односно да се вратат луѓето на своите работни места.
- Упатувам најсериозна критика до оние што се крајно неспособни да 15 години се договараат да изградат клиничка болница и не можат да се договорат за процентите. Најсериозна критика затоа што десет години не можеме да ја изградиме клиничката болница во Штип.
- Дајте да изградиме болница по НАТО стандарди и да стане регионална НАТО-болница во којашто ќе добиеме логистика, во којашто ќе добиеме опрема, во којашто ќе добиваат луѓето специјализации и во којашто ќе има и ќе може да се лечи комплетно безбедносниот сектор на Република Македонија и во исто време таа болница ќе внесува нови знаења и во исто време ќе носи приходи на Република Македонија.
- Да направиме сѐ, ниту еден повеќе здравствен работник да не ја напушти Република Македонија, туку да создадеме материјални услови и претпоставки за да овде ги лечат граѓаните на Република Македонија, истакна Стевчо Јакимовски.
Бујар Османи -:Скопје
- Не смееме заради кој било партиски или политички интерес да ги жртвуваме столбовите на кои почива стабилноста, хармонијата и прогресот на оваа држава, а тие се три – меѓуетничките односи, добрососедските односи и евроатлантската интеграција. Ова се свети столбови на кои што мора да постигнеме консензус и кои не смеат да бидат тема на овие избори и на било кои избори. Тоа го барам од оваа кампања.
- Уште еднаш ја повикувам госпоѓа Силјановска Давкова да се појави на дебата со мене за да разговараме за сите аргументи поврзани со овие две алтернативи – интеграција наспроти изолација. Вие сами знаете, прекршување на Преспанскиот договор, прекршување на Договорот за добрососедство, прекршување на Охридскиот договор, уште првиот ден ќе донесе изолација на оваа држава, ќе станеме слепо црево на Балканот.
Билјана Ванковска Мирчевска – Кочани:
- На непосредните средби што ги имам со граѓаните го претставувам она што може да се каже кога со некого разговарате очи в очи и е дел од мојата предизборна програма, но срам за овој предизборен процес е отсуството на соочување на кандидатите за претседател.
- Без директно соочување на противкандидатите мислам дека сите ќе бидеме посрамени. Јас се чувствувам како да ме изеде туѓиот срам, а овде првенствено мислам на кандидати кои се доктори на науки, кои се професори, кои меѓусебно се провоцираат и се повикуваат еден на еден на специјални дебати, притоа игнорирајќи ги сите останати.
- Сите седуммина заслужуваме еднаков третман, еднаква можност пред медиумите, да го кажеме тоа што го имаме во програмите, кратко и во формат што е стандард и за западните земји и за сите демократии. Постојано кажувам и апелирам дека ние сме им должни на граѓаните, затоа што ни дале по 10 илјади потписи и многу повеќе. Очекуваат да нè видат сите, еден спроти друг, со аргументи, со тези, а потоа да ја донесат одлуката за кого ќе гласаат, согласно со сето она што сме го правеле.
- Немам машинерија зад мене, имам е скромна кампања и мојта машинерија е народот. Тоа ми го кажуваат обични луѓе. Штом можам без обезбедување, слободно да се прошетам во градовите низ државата, тоа ми е најважно, а другите нека се препукуваат и на секој митинг, како стрини преку плот. Мене и таквите како мене, ме игнорираат, но и јас се однесувам така, освен што ги предизвикувам и им фрлам ракавица, да повелат јавно.
Арбен Таравари – Струга:
- Како претседател на Републиката ќе преземе конкретни чекори за решавање на политички монтираните случаи и за враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем. Како монтиран е и случајот „Монструм“ кога се случи петкратното убиство кај Смилковското езеро пред 12 години.
- Ќе се ботам за држава каде што никој нема да биде над законот и никој нема да биде потиснат поради националната припадност.
- Се обврзува за создавање на привремено тело на западни експерти, главно од европски земји, кои ќе бидат интегрирани во обвинителските и судските совети на Северна Македонија со шестгодишен мандат. Ова тело ќе ја следи работата на домашните судии и обвинители. Но и самите ќе придонесат како судии и обвинители.
- На средбите со граѓаните се соочив со загриженоста на граѓаните за здравјето, а особено за коцкањето и штетните практики на брзите кредити. Ќе се посветам да се запрат овие негативни појави и да се изнајдат решенија кои ќе го подобрат животот на граѓаните во Северна Македонија.
- Од новата влада ќе барам итни мерки за забрана на коцкањето како што тоа се случи во Косово, но и за стопирање на работата на брзите банки кои нанесуваат голема штета на буџетот на граѓаните. Сериозно ќе им помогнеме и на граѓаните кои имаат долгови кон овие банки, овие долгови да ги покрие државата или владата.
Максим Димитриевски – Скопје:
- Ги повика на телевизиски дуел противкандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова за пред граѓаните да ги соочимеда своите планови и програми. На телевизиски дуел треба да се одважат сите кандидати, посебно оние од македонскиот и албанскиот блок кои се најфаворизирани во медиумите.
- – Сакам да упатам апел до сите мои противкандидати, првентствено до двајцата најфаворизирани од македонскиот и двајцата најфаворизирани од албанскиот политички блок, да не бегаат од дебата, да им дадат можност на граѓаните да ги слушнат плановите и визиите на сите нас, да кажеме што планираме да работиме од позиција на шеф на државата ако бидеме избрани.
- -Барам од мојот противкандидат Стево Пендаровски да излезе на телевизиски дуел со мене и да ги соочи своите факти и аргументи. Исто така барам и Гордана Силјановска – Давкова да ги соочи арегументите со мене и со останатите противкандидати. Во спротивно, ќе сметам дека бегаат од јавна дебата зашто немаат што да им понудат на граѓаните.
- Во оваа држава, покрај партиските членства, живеат и други граѓани и имаат право да слушнат што идниот претседател планира да изреализира од позицијата што ќе ја добие.
- Недозволиво е за претседателските кандидати кои се најфаворизирани во сите средства за јавно информирање, да бегаат од јавна дебата. Ние, како претставници на граѓаните со граѓанска иницијатива или претставници на мали политички субјекти, сме незабележителни во делот на информиорањето, додека останатите кандидати се секојдневно присутни на сите медиуми во закупениот медиумски простор што го налага законот. Не сме еднакви.