20-ти април
Уште два дена до молкот пред првиот круг избори за претседател на Република Северна Македонија. Седумтемина кандидати Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска Мирчевска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски и денеска денот го минаа на интервјуа, средби, митинзи, меѓу иселениците., секој согласно своите програмски активности.
НОВАтв.мк и денеска ги информира за дел од нивните активности со потенцирање на нивните главни пораки во настапите и тоа, како и досега од првиот ден на претседателската кампања го емитува по ред согласно редоследот од гласачкото ливче утврден со жребање во организација на ДИК.
Стево Пендаровски – Струмица:
Стартуваш во кампања и сред кампања бараш помош. За мене тоа е јасен знак дека работите не им одат на добро, ниту на ВМРО-ДПМНЕ ниту на нивниот лидер. Има информации дека тие уште пред година дена веќе ги поделија функциите, се направија победници и сега да бараш помош во сред кампања од кого било е прилично необично. Тие планираа огромна победа и мислам дека веќе имаа договорено и музика и локација за прославата. Тој ги повика граѓаните заедно да продолжат по европскиот пат.
Дајте од тука да продолжиме понатаму. Безбедноста ни е гарантирана, преку членство што е можно побрзо во ЕУ, да станеме полноправна членка таму и да имаме статус како секој друг, да ги уживаме фондовите, да купиме и памет и знаење од сите тие држави таму, да ја досуредиме државата, бидејќи само тоа е патот кон развиено општество. Се друго е залажување и се друго е враќање кон рециклажа на режимот, подвлече кандидат на СДСМ и на Коалицијата за европска Македонија.
-На 8 мај не може да има друг исход, ако на 24 ние направивме таква мобилизација и во огромна бројка во огромно мнозинство гласаме за нормална Македонија, повика Пендаровски.
Никој овде ниту јас, ниту било кој друг претедент за било која позиција, не ветува дека за четири или пет години ќе направиме Швајцарија, Германија или Америка од Македонија. Патот е тој, цврсто го газиме, ќе земе време, меѓутоа тоа нема да биде некоја далечна иднина. До крајот на овој мандат значи следните четири годни можеме да влеземе во ЕУ и можеме да ги дуплираме и платите и пензиите, да ги триплираме социјалните давачки и конечно овој народ да почне да ужива како секој друг европски народ, а не да биде на маргините на се што се случува на Континентот и постојано да се плашиме дали ќе ја биде државата, посочи Пендаровски.
Гордана Сијановска Давкова – Делчево:
Кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова вечерва имаше обраќање пред граѓаните на Делчево.
Посебно сакам да истакнам од мојата програма дека има едно место за најранливата категорија во Македонија, а тоа се Ромите. Мислам дека господинот Салиу неслучајно го погреши своето име и презиме…тоа е зошто е импресиониран веројатно од моето залагање во Парламентот за член на Комисијата за заштита од дискриминација. Затоа во мојата програма има посебен дел за ромската заедница кои мора да ги направиме умните стручни Роми видливи, за да инспирираат и други, рече Сиљановска Давкова.
Зборувајќи за самите избори, таа рече дека тоа што го прави специфичен овој натпревар со седумте кандидати за претседател, од една страна е баукот на примитивизмот и неодговорноста, несвесноста и непочитувањето на националните и државните интереси. Од друга страна, како што кажа, е нарцизмот меѓу дел од кандидатите, што, според неа предизвикува поделби и раздор. Натаму, таа порача да се внимава на сопствеништвото лично или колективно на Македонија, на државата, на институциите.
Институциите треба да бидат насочени кон искористување на јавно добро, а не институциите да ги користите во политички цели, да снимате спотови во институциите, славите роденден. Институциите не смеете да ги фамилијализирате.Затоа ние треба да ставиме крај на ужасната феудализација во македонија од луѓе со ограничен ум, од луѓе кои преку ноќ се збогатија. Да ги испратиме надвор од политиката бидејќи со тоа не навредуваат и не повредуваат. Затоа мислам дека ова е пресуден последен момент од кој извира нашиот легитимитет, ама вие сте тие кои морате да ги делегитимирате, бидејќи не водеа сметка за граѓанските потреби интереси и не ги задоволуваа, туку само мислеа на себе, додаде Сиљановска Давкова.
Стевчо Јакимовски – Скопје
Нема да молчам никому и подготвен сум и глава да дадам за достоинството на Македонија, нагласи денеска од Карпош претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски.
Почитувани пријатели, видовте како ме потценија, викаа нема да собере потписи, абе газам ли јас на трула даска, a iзмеќарот над измеќарите излезе да каже дека јас сум бил измеќар затоа што сум бил опозиција на опозиција, а тогаш кажав има уште еден трет за кој ништо не кажа па сега видовте дека се во окалиција. Јас ги читам како на рентген, па ги пратија нивните пријатели да ме стават на црна листа, истакна Јакимовски.
Народот гледа кој најмногу знае и кој е најмногу спремен да биде претседател на Република Македонија. Се обидовте да бегате од дебати, земавте милиони да се рекламирате како Цеца и Здравко Чолиќ но рејтингот ви паѓа, а јас добивам поени и утре како попчиња ќе се нацртаат на МРТ.
Каде може да седиш дома плата да земаш, каде министерства наместо по 10 луѓе бројат по 400? Како луѓе да нема место каде по канцеларии да седат, а да нема полицајци, да нема истражители и обвинители, да нема чувари во затвор, немало негователки и воспитувачи. Знаете ли еднаш да кажете доста е треба да застанеме.
Затоа, еве, за првпат имате кандидат за претседател кој е спремен глава да даде за образ и за достоинството на Македонија инемој да кажете дека сте немале избор и дека сме мали. Не е тоа точно, заклучи Јакимовски.
Бујар Османи – Тетово
Кандидатот за претседател на Северна Македонија од Европскиот фронт Бујар Османи денеска ги посети тетовските села почнувајќи од Бозовце, Вешала, Бродец, Шипковица, Лисец, Гајре и др.и разговараше со жителите на овие села за неговата програма како претседател и за крстосницата во која се наоѓа државата што соодветствува со историската важност на неговата кандидатура за претседател.
Османи, нагласувајќи дека како кандидат на Европскиот фронт, односно на девет политички партии и четири заедници, кои вкупно, како што рече, сочинуваат 47 отсто од населението во Северна Македонија, Албанци, Турци, Бошњаци и Роми, додаде дека овојпат шансите се многу сериозни да помине како кандидат Албанец во вториот круг. Земајќи во предвид дека гласовите ќе бидат распределени на петмина кандидати, секој силен на свој начин, тоа му дава предност да оди во вториот круг.
Но, ова бара мобилизација, затоа нема место кое не сум го посетил. И најголемата порака што можеме да ја пратиме е дека сега сме држава на два народа, кои се натпреваруваат во вториот круг за претседател, еден Македонец, еден Албанец. Ова е историска порака. Затоа ве замолувам да се мобилизирате, да овозможите да се пробие оваа бариера, бидејќи се создава еуфорија, а еуфоријата е како лавина од снег што собира се пред себе. Затоа ве повикуваме луѓе, за да ја оствариме оваа историска победа, да одиме во вториот круг, побара Османи поддршката од народот.
Меѓу другото, Османи се осврна и на убавините на овие села, споредувајќи ги со швајцарските и австриските туристички места, додавајќи дека ако бевме земја на Европската унија, ќе имаше конкуренција да се посети овој регион. Меѓу другото, тој додаде „ни треба поддршка, ни треба единство овој пат за да можеме да ги реализираме целите што ги започнавме, а целите се добри, намерата е добра: да се создаде полесен живот, подобар живот, да ги задржуваме луѓето овде, да ја донесеме Европа овде а не да се замине таму…ако ја постигнеме таа цел, можам искрено да кажам дека ова ќе биде центар на планинскиот туризам во Европа.
Билјана Ванковска Мирчевска – Битола
Знам дека нема потреба да ве убедувам. Ние сме една црвена армија која во среда ќе извојува победа. Јас програмата ја напишав толку рано што сите имаа можност да ја видат. Ја видоа и моите противкандидати па почнаа да преземаат. Ете утре ќе имаат можност да дојдат на тенок мраз да видиме кој на што стои и да го бранат она што го раскажуваат деновиве, истакна Ванковска.
Моите противкандидати велат ќе ја направеле европска Македонија. Целава приказна за ЕУ јас сакам да ја боцнам како балон и да се види дека зад таа приказна нема бајка. Велат ќе го славеле 9. мај Денот на Европа. Тоа е измислена работа. 9 Мај е Ден на победа над фашизмот. А, Битола градот на Стив Наумов, не трпи фашизам. Денес ние се соочуваме и со неофашизам, рече Ванковска.
Зборувајќи за ЕУ истакна дека нејзиниот прв човек тоне во корупција исто како и цела ЕУ. Тие мижат пред своите најкорумпирани елити, а кај нас бараат ветинг. Вели дека оние кои што тонат во корупција нас сакаат да не прочистат.
Јас не велам дека ние не припаѓаме на Европа. Напротив, ние припаѓаме на Европа, но не и на Европската унија. Ми замеруваат дека многу сум зборувала за Палестина, за Газа. Па зарем она што нас ни го направија со Преспанскиот договор не е геноцид. И уште утре, на соочување, ќе треба да се објаснува дали сум про ЕУ или анти ЕУ. Не, јас сум про Македонија. Јас сум про македонска сила, истакна Ванковска.
Арбен Таравари – Цирих:
Стотици сограѓани синоќа го пречекаа кандидатот за претседател Арбен Таравар во знак на поддршка за промената што ја вети.
А токму гледајќи ја волјата за промени, Таравари од овој централен собир со дијаспората истакна дека ниту еден политички процес не е направен без дијаспората бидејќи тие знаат да се сензибилизираат за да ја направат промената. Затоа, според него, нема дилема дека тоа ќе се докаже на 24.април и 8. мај.
Немаше важен процес во Северна Македонија што се одвиваше без дијаспората, почнувајќи од првото политичко движење. Тетовскиот Универзитет беше невозможен проект без поддршка од дијаспората, исто така до формирањето на партијата која сега е на власт, како што сте сега посветени од дијаспората да ја смените истата партија. Двапати се натпреварував во Гостивар и дојдоа значителен број на луѓе од диаспората. Тие го сензибилизираат населението и покажуваат колку е важно да се гласа за да се направи промена. Ние се приклучивме и го направивме нашето, вие продолжите да ја работите својата работа, да гласате за политичката ротација што треба да се случи во Северна Македонија. На овој начин овозможуваме дел да се врати да живее Северна Македонија. Можете да комуницирате со луѓето, да побарате да не поддржат на 24 април, бидејќи 24 април ќе биде клучот за големата парламентарна победа на 8 мај, истакна Арбен Таравари на централниот митинг со дијаспората во Берлин.
Максим Димитриевски – Битола:
На граѓаните во Битола Димитриевски им порача дека доколку ја добие нивната поддршка, како врховен командант ќе се заложи да се заштитат правата на граѓаните, како и правата на бранителите, затоа што, како што рече, политичарот не смее да биде над граѓанинот.
Граѓанинот е на дното, а елитата е на врвот. Тука се кога се бара власт, а подоцна кога ќе треба да се испорача пред граѓаните си седат и си прават ситни калкулации по кабинетите кај што се договараат со својот вечен партнер ДУИ кој повеќе од 20 години работи во оваа држава, кој со пушка влезе во Собрание. Денеска ги гледаме како по кабинетот или паралелната влада на Артан Груби си играат фудбал и си пеат песни на наша сметка, рече тој.
Мора да сме свои на своето и да бидеме како и другите во оваа држава, граѓани од прв ред. Доста гледаме како ДУИ ги врти околу малиот прст и заедно и со едните и со другите градат биетничко општество. Е има и други. Оваа држава ја направил македонскиот народ. И затоа Македонецот треба да се крене, да се одважи да каже – Доста е! Време е за суштинска промена, порача Димитриевски.