Заврши првиот круг за избор на претседател на Република Северна Македонија.
Гласаа и седумтемина кандидати и во изјавите за време на гласањето рекоа:
- Стево Пендаровски: Држава што преговара со ЕУ не смее да си дозволи лош изборен процес
Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, денеска гласаше на првиот круг од претседателските избори.
Во изјава за медиумите Пендаровски истакна дека очекува мирен изборен процес, не само денеска, туку и на 8 мај кога ќе се одржат вториот круг на претседателските и парламентарните избори.
Тоа е исклучително важно, не толку за индивидуалните кариери на секој од нас кандидатите кои сме на овие претседателски избори, тоа е исклучително важно за целата држава, за Македонија, бидејќи држава која преговара со Европската Унија не смее да си дозволи лош изборен процес. Имаме долго искуство во таа смисла, повеќе од 30 години сме независна држава, имаме поминато многу изборни циклуси и јас се надевам дека како и минатиот пат, така и сега тоа ќе биде со запазување на највисоките европски и меѓународни стандарди“, рече Пендаровски.
- Гордана Силјановска Давкова: Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт
Дојде време, дојде час, да си замине оваа власт, порача кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова по гласањето во првиот круг од претседателските избори.
Јас никогаш не агитирам за себе, граѓаните знаат за кого да гласаат, знаат да си го искористат избирачкото право. Генерации гинеле за негово користење! Споредете и направете го вистинскиот избор, додаде таа.
- Стевчо Јакимовски: Најголема штета и’ се прави на Македонија ако не се излегува да се гласа
Кандидатот за претседател, Стевчо Јакимовски го оставри своето право на глас, порачувајќи дека најголема штета и’ се прави на Македонија ако не се излегува да се гласа.
Многу сум среќен дека денеска гласаме за наш претседател, ниту за српски, ниту за бугарски, ниту за грчки претседател. Вечна слава нека им е на АСНОМ-ците кои ги удрија темелите на современата македонска држава и го остварија вековниот идеал на македонскиот народ, рече Јакимовски.
Тој по гласањето додаде дека е точно оти оваа држава не е совршена, но сите сме одговорни за тоа каква држава имаме.
Еден апел до граѓаните на Република Македонија: Излезете да гласате. Најголема шета се прави на Република Македонија ако не се излегува да се гласа и втората замолница е да се излезе да се гласа „за“, а не „против“. Секогаш кога гласаме против некого секогаш правиме грешки и тие грешки повторно се на штета на државата. Затоа, почитувани граѓани, излезете и дајте го гласот за оној којшто мислите дека ќе биде најдобар претседател, најдобар врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, порача Јакимовски.
- Бујар Османи: Овие избори се одлучувачки, граѓаните имаат две опции
Кандидатот за претседател Бујар Османи посака изборите да бидат слободни, фер и демократски.
Граѓаните да излезат, масовно да гласаат, да гласаат според своето убедување, со цел и надеж за подобри денови на нашата држава во големата европска фамилија. Овие избори не се обични избори, туку се одлучувачки избори по однос на иднината на државата. Граѓаните се исправени пред две опции – изолација или интеграција, очекувам да ја донесат правата одлука, кажа Османи.
- Билјана Ванковска Мирчевска: Необично е да гласаш за себе, но со тоа ја изразив убеденоста во она што го говорам
Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица го оствари своето право на глас на ИМ во ОУ „Јан Амос Коменски“ во Карпош.
Еве ме на 60 годишнината на моето основно училиште „Јан Амос Коменски“, каде прв пат зачекорив во школските клупи. Денес зачекорив да го дадам гласот за себе, се разбира. Ова е малку необична ситуација затоа што ние на Универзитет кога сме подложени на избор излегуваме надвор од просторијата и коректно е да не гласаме за себе. Меѓутоа ова е друг тип на битка, ова е политичка битка, во која всушност со чинот на гласање ја изразувам сопстевната убеденост во тоа што го говорам, во тоа што го понудив и се надевам дека голем број на граѓани ќе го направат тој чекор, да дојдат до гласачките места.Мислам дека е тоа првиот и најважен чекор, а каков избор ќе направат ќе видиме вечер. Па, ќе видиме како граѓаните ќе проценат. Овде учителките ме процениле одамна, рече Ванковска во изјава за медиумите.
Посака убав сончев ден, како што почна да заврши мирно, коректно, без нерегуларности.
- Арбен Таравари: Нека победи подобриот
Кандидатот за претседател, Арбен Таравари, гласаше со своето семејство, пришто порача изборите да бидат фер и демократски.
Нека победи подобриот. Ние секој резултат ќе го прифатиме. Атмосферата е добра, има ентузијазам, а граѓаните масовно излегуваат“, рече Таравари по гласањето.
Прашан за нерегуларности, Таравари изјави: „Ние сме навикнати на тие одредени притисоци, купување гласови, за кои постојат видео снимки. Но тоа ќе го објави штабот. Известени се релевантните институции и меѓународните претставништва, рече Таравари.
- Максим Димитриевски: Народот одлучува за иднината на Македонија
Народот одлучува за иднината на Македонија, порача кандидатот за претседател, Максим Димитриевски по гласањето.
Јас го остварив своето право и гласав. Народот одлучува за иднината на Македонија! Посакувам демократски избори и можност граѓаните самостојно да одлучат, изјави Димитриевски.