Пишува: Беса Арифи, Универзитетски професор
Минатата недела Еврокомесарот Јоханес Хан беше во неформална посета во Македонија. Притоа тој објасни дека причината за неговата посета беше да се покаже дека ова држава е важна за Европската унија, не само кога има немири, како тие од почетокот на годината кога неколку пати по ред бевме посетени од високи функционери на ЕУ кои ни кажуваа да не играме со оган. После неговата посета, до Македонија стигнаа и првите критики за новата влада: Се укажа на тоа дека Македонија треба да се концентрира во реформите, а владата да прави помалку реклама за својата работа.
Хан пренесе важни пораки за време на неговата неформална посета. Прво, тој рече дека сме многу блиску до започнување на преговорите за пристап кон ЕУ. Рече дека треба да собереме сили и да го истрчаме последниот километар од овој долг и мачен маратон.
Го цитираше претседателот Јункер кој пред некој месец зборуваше за проширувањето на ЕУ во балканските држави и кажа дека иднината на овие земји е во ЕУ и е тесно поврзана со ова структура.
Прашан, дали навистина новата стратегија за проширувањето на ЕУ ќе ги вклучи најпрво Србија и Црна Гора, Хан рече дека Стратегијата нема да зборува посебно само за овие две држави туку за сите 6 држави на Западниот Балкан кои се на пат кон интеграцијата. Ова значи дека Македонија, со една вистинска посветеност кон реформите, може да се качи на возот на државите чија интеграција во ЕУ се предвидува да се случи во 2025 година.
Хан пренесе важни пораки до домашните политичари. Тој беше задоволен од динамиката на реформите и уште еднаш нагласи дека до Нова Година, Македонија треба да ги спроведе некои од поважните реформи во судството, јавната администрација и тајните служби. Ова е неопходен чекор со цел Македонија во февруари да може да добие безусловна препорака за отворање на преговорите со ЕУ.
Во ова смисла, Хан зборуваше и за улогата на опозицијата и го нагласи значењето на соработката во овој план. Се работи за реформи кои одат на интерес на самата држава и на сите нејзини граѓани, па оттука, опозицијата, наместо да ја саботира работата на Собранието, треба да покаже соработка и конструктивност во испорачувањето на реформите одредени од страна на ЕУ.
Важна порака беше и таа што се однесува на Законот за јазиците. Хан потврди дека ЕУ поддржува донесување на таков закон кој тој го смета за нормално и разумно барање на граѓаните кои живеат во ова земја. Тој нагласи дека овој Закон не е еден од итните приоритети кои ќе овозможат отворање на преговорите со ЕУ.
Дека е така, знаеме и од двата Извештаи на Прибе во кои овој Закон не се споменува. Јасно е дека кризата низ која што помина Македонија во последните години беше криза на функционирањето на државните институции и пред се се однесуваше на потполното суспендирање на владеењето на правото.
Затоа, предвидените итни реформски приоритети целат кон воспоставување на владеењето на правото и нејзиното ефикасно функционирање. Нема никакви дилеми дека ова е вистинскиот приоритет, бидејќи без ефикасно владеење на правото ни Законот за јазици нема никаква смисла ниту пак истиот може да се спроведува.
Ова не значи дека овој Закон не е важен и дека треба да се остави на страна и да се заборави. Постапката за усвојувањето на тој Закон во Собрание веќе започна и има свој тек. Тој тек е јасен и ќе продолжи и во наредната година се до конечното усвојување на тој Закон кој е важен дел од пакетот закони за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и всушност, срамно е што и после цели 16 години се уште се дебатира за тие прашања кои одамна требало да се затворат.
Во меѓувреме, до Нова Година, реформите во правосудството и во другите приоритетни сфери мора да започнат, и тоа итно, бидејќи во нив се работи за фундаментални човекови права кои ги тангираат сите граѓани на Македонија.
Службената употреба на албанскиот јазик е основно колективно право на Албанците. Меѓутоа, правото да живеат во земја во која владеењето на правото функционира е нивно основно човеково право. На крајот на денот, јазикот кој овозможува употреба на сите други јазици е јазикот на правдата, без кој едноставно не се може.

