Со оглед на тоа што на огласите вообичаено се пријавуваат судии и обвинители, „Слободен печат“ кога беше направена првата селекција, испрати прашања до деканот кои се причините поради кои одлучил да конкурира, но тој не ни одговори. Предлог-листата што ја скрои претходната Комисија за избор на судија за ЕСЧП, не беше по мерка на Владата, па формираше нова комисија со нови членови, по предлог токму на Владата.
Само што се направи првата селекција, односно Комисијата за избор кажа кои од кандидатите за судии во Стразбур ќе одат на интервју, се оспорува повторената постапка за избор на судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур. Во фокусот се претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Сашо Георгиевски, кој всушност му бил академски ментор на Костадиновски. Првиот човек на Уставен е пријавен за наводен судир на интереси, а тој самиот тврди дека апсолутно нема ниту судир ниту пристрасност.
До редакцијата на „Слободен печат“, но и до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) стигна пријава против претседателот на Уставниот суд, кој е и претседател на Комисијата за избор на кандидати на Македонија за судија за Стразбур, откако на листата на избрани кандидати што остануваат во игра се најде и деканот Георгиевски, кој како професор на Правен му бил ментор на Костадиновски и за неговиот магистерски труд и за докторската дисертација. Георгиевски предава предмети од областа на меѓународното јавно право.
Податоци за магистерскиот труд на претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски
При пребарување на дата-базата на објавени публикации, може да се види дека во 2008 година Костадиновски има објавено магистерски труд под наслов „Меѓународната арбитража во современите меѓународни политички односи (на границата меѓу правото и политиката)“, под менторство токму на сегашниот декан што е пријавен како кандидат за судија во ЕСЧП. По четири години, Костадиновски ја објавил докторската дисертација под наслов „Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата, правни последици од советодавните мислења на Судот“, а ментор повторно му бил Георгиевски.
Податоци за докторската дисертација на претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски
Што пишува во пријавата до ДКСК
Во пријавата за судир на интереси се цитираат членови од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, односно се образложува зошто во овој случај има судир на интереси, но и пристрасност.
„Според членот 2 став 3 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности. Според членот 74 став 1 од истиот закон, службеното лице кое учествува или одлучува во постапката за избор, именување или вработување или е вклучено како член на телото што ја спроведува таа постапка е должно да извести за сите постапки што можат да предизвикаат судир на интереси. Во случајот, Дарко Костадиновски како претседател на Комисијата и како службено лице, на седницата на 08.10.2025 година, одржана во просториите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, чиј претседател е токму пријавениот, без да се изземе од процесот на селекција на кандидати, меѓу кои е неговиот ментор Сашо Георгиевски, се довел во состојба на очигледен судир на интереси. Јасна како ден е намерата дека со своето постапување, Дарко Костадиновски како службено лице дејствувал во корист на кандидатот Сашо Георгиевски и на тој начин се оддолжил и ја вратил „услугата“ на својот академски ментор Сашо Георгиевски. Основан е сомнежот дека како противуслуга за гласањето на Костадиновски неговиот ментор да стигне до фазата на интервјуирање, по евентуалниот избор на Георгиевски за судија во Европскиот суд за човекови права, последниот ќе овозможи кариерни бенефиции во Советот на Европа на својот штитеник. Школски пример за пристрасно вршење на доверените јавни овластувања во корист на приватниот интерес на Костадиновски“, пишува во пријавата до ДКСК.
Костадиновски: Апсолутно нема судир на интереси
Костадиновски, пак, во изјава за „Слободен печат“ тврди дека апсолутно нема судир на интерес во овој случај, иако тој како уставен судија досега четири-пет пати се изземал од расправа и одлучување кога имало и потенцијален судир на интерес. Тој наведува неколку аргументи со кои го поткрепува своето тврдење, но сепак вели дека ќе ја чека одлуката на ДКСК пред да се изберат тројцата кандидати за Стразбур.
– За тоа кој ќе биде ментор на магистерски и докторски труд не избира кандидатот, туку во зависност од областа во која е научниот труд, тоа го одредува Наставно-научниот совет на факултетот. Менторството е само една фаза во процесот на стекнување научен степен. По фазата на менторство, следува прифаќање, односно одобрување на трудот, како и потписи на извештајот од петчлената комисија, одредена од Наставно-научниот совет. Одбраната на дисертација се врши пред петчлена комисија. Ако се ова неспорни факти, во тој случај апсолутно не може да стане збор за судир на интерес ниту за каква било пристрасност. Дополнително, кандидатите за интервју се одредуваат врз основа на критериумите во огласот, но што е еднакво важно, и во согласност со водичот за минимални услови, изготвен од експертски панел на Советот на Европа, кој е извршен едногласно. Но, по дознавањето на фактот дека има пријава, ќе ја известам Комисијата и ќе го чекам исходот од ДКСК пред да се пристапи кон избор на тројца кандидати – вели Костадиновски за „Слободен печат“.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата за „Слободен печат“ потврдија дека е доставена ваква пријава и дека веќе оформиле предмет.
– Постапувањето по предметот е во тек, а по утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај ќе биде донесена одлука на јавна седница на ДКСК – велат од ДКСК.
Пред една недела, Комисијата од вкупно 20 пријавени кандидати за судија во Стразбур избра 11.
На интервју на 20 октомври треба да одат деканот Георгиевски, судијката Оља Ристова од Апелацискиот суд, уставната судијка Наташа Габер Дамјановска, судијата Али Алиу, членот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, адвокатите Тони Менкиноски, Јордан Апостолски, Наташа Бошкова, Јелена Ристиќ и Ана Дангова како и заменик директорот на Академијата за судии и јавни обвинители Илир Исени.
Со оглед на тоа што на огласите вообичаено се пријавуваат судии и обвинители, „Слободен печат“ кога беше направена првата селекција, испрати прашања до деканот кои се причините поради кои одлучил да конкурира, но тој не ни одговори.
Предлог-листата што ја скрои претходната Комисија за избор на судија за ЕСЧП, не беше по мерка на Владата, па формираше нова комисија со нови членови, по предлог токму на Владата.
Текстот е сопственост на Слободен печат.мк