Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК денеска треба да се произнесе дали ќе продолжи со штрајкот во образованието или истиот ќе биде прекинат.
Пратеничката од редовите на СДСМ, Даниела Николова вчера упати апел до челниците на СОНК да се вратат на дијалогот и наставата да продолжи, со став дека ќе се најде решение кое е во интерес на наставниците.
Таа истакна оти не треба да се дозволи наставата да се пролонгира и со тоа да се загрозат уписите, државната матура како и полагањето стручен испит на петстотини наставници.
„Училишната година мора да продолжи да се одвива непречено, што е особено важно затоа што зад нас имавме две училишни години во пандемија со коронавирусот кога учениците следеа онлајн настава или комбинирана настава. Правото на штрајк е уставно загарантирано, но наставниците треба да се водат и од интересите на нивните ученици“, изјави Николова.
Претседателката на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска се огласи преку Фејсбук и му порача на министерот за образование Јетон Шаќири дека наставниците не го прифаќаат предлогот за 10 отсто покачување на платата.
„Цела Македонија се обедини околу платите на наставниците. Конечно и наставниците праќаат гласна порака дека и тие се значаен чинител во општеството. Наставниците се истрајни, Владата сè уште не е свесна за тоа што се случува. Обидите за прекинување на штрајкот не успеваат, наставниците не попуштаат на притисоците. Министре итно прифатете 18 отсто покачување, затоа што наставата е приоритет, како што и Вие пет дена тврдите“, пишува Јаневска на Фејсбук.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, во својата последна изјава дадена во петок, посочи дека ќе дадат насоки на членството за изјаснување за главното барање од Владата, во интерес на учениците и децата во градинките, штрајкот да се стави во мирување, се додека за два-три дена, конечено не се дефинира нивниот предлог.
На последниот состанок во Владата е договорено во наредните денови да се утврди процентот за зголемување на платата кое ќе се испланира и потенцијално реализира со ребалансот на Буџетот, по што учениците од основното и средното образование од понеделник би се вратиле во училишните клупи, а децата од предучилишното воспитување и згрижување во градинките.
Дополнително се разговарало веднаш да почне сеопфатен дијалог со активно учество на синдикатот за трајно решавање на континуираниот раст на платите.