Повеќе од една година светот, Европа и ние живееме со ковид-19. Затворени, исплашени, збунети, економски исцрпени, а веќе илјадници – и болни и починати. Од самиот почеток на пандемијата, светската медицина и фармакологијата се обидуваат да најдат решение за тешката ситауција. Она што сите го сметаат за тоа решение и за светлото на крајот од тунелот е имунизацијата. Од декември минатата година почна аплицирањето на првите вакцини, а најбрзи (или најхрабри во нивната примена беа властите на Велика Британија.
Таму живее и работи охриѓанката др. Теута Ѓуладин-Хелон, која е професорка на Медицинскиот факултет при Универзитетот на Централен Ланкашир, каде го предава и води предметот Медицина заснована на докази (Еvidence-based Мedicine), кој, меѓу другото, опфаќа и аспекти од јавното здравје и епидемилогијата. Со неа разговаравме за тоа како успеаја Британците, во последниве неколку недели да ги намалат драстично бројките на новозаразени и починати, како и за сознанијата за различните видови вакцини.
Во последниве два-три месеци епидемилошката состојба во Велика Британија значајно се подобри: од речиси 60.000 новозаразени и повеќе од 1.000 починати на ден, до неколку стотини нови случаи и по 20,30 или 40 со фатален крај. Со оглед на нивото на досегашната имунизација, од околу 30 милиони вакцинирани, може ли да се смета дека таа земја е дефинитивно на патот на ставањето на ковид-19 под контрола, или се’ уште е можно враќање на состојбата од јануари?
Според официјалните податоци објавени на coronavirus.data.gov.uk, највисоката регистрирана бројка на новозаразени беше забележана на 29 декември 2020 и изнесуваше 81.750. Очекувано, на 19 јануари 2021 и бројот на починати ја достигна рекордната цифра од 1.362, со седумдневен просек од 1.284. На 5 јануари, владата на Обединетото Кралство донесе стриктни локдаун мерки, со кои се забранија неесенцијалните патувања, мешањето на две домаќинства дури и на отворен простор, работата на рестораните, пабовите, фитнес салите, фризерниците, трговските центри и неесенцијалните продавници. Работеа само продавниците за храна, аптеките и оние што се неопходни за нормално фунционирање на животот. Наставата се одвиваше виртуелно за сите возрасти, а дозволена беше една кратка прошетка во близина на домот. Сукцесивните мерки секако вродија плод, бидејќи официјалната бројка од 2 април за новозаразени беше околу 3.400 и починати 52. Проценетиот Р број моментно се движи од 0.7-0.9, т.е. десет позитивни во просек би заразиле околу седум до девет луѓе. Паралелно со овие мерки, започна и програмата за масовна имунизација, која се одвиваше според строго дефинирани критериуми, односно возрасни групи и ранливост/загрозеност. Досега повеќе од 31 милион граѓани ја примија првата доза од вакцината против коронавирусот, додека речиси пет милиони ја добија и втората доза. Амбициозниот план на владата предвидува вакцинирање со најмалку една доза на целокупното полнолетно население до крајот на јули 2021. Само како илустрација на таа детерминираност, би ја навела бројката од приближно 850.000 аплицирани вакцини на 21 март. Но, излегувањето од локдаун е далеку покомпликуван процес, земајќи ги предвид претходните искуства, контрoверзи и критики упатени кон владата, како и фактот дека една примена доза не е доволна да се стекне лична заштита и имунитетот на стадо. Ефективноста на двете примени дози вакцини е многу висока, за некои и повеќе од 95 проценти. Оваа ефективност, всушност значи дека луѓето кои ја примиле вакцината имаат 95 насто помал ризик да заболат од ковид-19, во споредба со контролната група. Односно, без вакцина би очекувале приближно еден процент од населението да ја добие оваа болест, а со вакцината, овој ризик се намалува на 0,05 отсто. Со толку ниски стапки, вакцините ќе му овозможат на општеството да се врати во „нормала“ и трајно да се отстранат рестриктивните мерки. Олабавувањето на мерките неминовно води кон намалување на перцепцијата на ризикот, а разбирлива е и желбата да се вратиме во нормала. Но, тоа пак доведува до намалување на безбедното однесување, зголемување на бројот на интеракциите, било да се тоа социјални или на работните места, особено во затворени простори каде нема можност за одржување на дистанца. Со тоа се зголемува ризикот од повторна ефикасна трансмисија на вирусот и повторно донесување на заштитни мерки на национално ниво за заштита на јавното здравје. Затоа, без оглед на забрзаната имунизација и малиот број на починати (само десет на 3 април), британската влада се одлучи за многу бавно и постапно отстранување на рестриктивните мерки, зацртано во четири строго дефинирани чекори: првиот кој започна на 29 март, па се’ до четвртиот кој би се имплементирал не порано од 21 јуни, доколку бројките (инциденца и морталитет) тоа го дозволуваат. Според премиерот Борис Џонсон, овој пристап ќе овозможи „внимателно, но иреверзибилно враќање кон слободата и дека локдаун веќе ќе нема“. Главниот медицински советник за Англија, професорот Крис Витни изјави дека Обединетото Кралство „ќе мора да научи да живее со овој вирус исто како и со вирусот на грип, додека алармот би се вклучил само во случај на појава на нов, опасен сој, кој би почнал брзо да се шири“. Од сето ова би можело да се заклучи дека владата на Обединетото Кралство е убедена дека имунизацијата е единствениот начин да се стави ковид-19 пандемијата под контрола, со што ќе се демонстрира и економскиот бенефит од неа.
Британските власти беа првите во Европа кои ги одобрија пријавените вакцини, што се сметаше за своевиден ризик, додека другите земји и институциите на Европската Унија одеа многу повеќе „на сигурно“. Денес, барем засега, се чини дека ризикот на Британците се исплатеше, но дали тогаш изгледаше така и имаше ли сериозни отпори кон вакцинирањето?
Најновите национални статистички податоци (Office of National Statistics), објавени врз база на истражувањето со наслов: „Коронавирус и колебливост кон вакцинирање, Велика Британија:17 февруари до 14 март 2021“, позитивен однос кон ковид вакцините е забележан кај 94 проценти испитаници во периодот 17-21 март 2021, што укажува на голем скок од предходното истражување спроведено во периодот 10-13 декември 2020 година во кој оваа бројка изнесуваше 78 отсто. Ова значи дека повеќе од девет од вкупно десет возрасни Британци имаат позитивно мислење за имунизацијата, а шест проценти покажуваат колебливост. Според старосните групи, околу еден од осум (12%) на возраст од 16-29 години се колебаат да ја примат вакцината, што претставува намалување од 17 насто во однос на предходниот период. Резултатите на Социјалната Студија за ковид-19 на University College London која е сé уште во тек, се многу слични. Позитивниот однос кон вакцината се чини дека е значително зголемен, околу еден од пет (21,6%) од оние кои се двоумеле, го смениле мислењето од „многу малку веројатно“ дека би ја примиле вакцината во есента 2020 година, во „многу веројатно“ да примат вакцина до март 2021 година. Слично на тоа, еден од три (32,6%) испитаници кои пријавиле дека е „многу малку веројатно“ да ја примат вакцината минатата есен, сега веќе имаат примено барем една доза. Битно е да се каже дека нема зголемување на колебливоста кон вакцините: само помалку од еден процент од граѓаните кои се изјасниле со „голема веројатност“ да се вакцинираат минатата есен, го смениле мислењето во „многу малку веројатно“ да го сторат тоа. Генерално, во последните месеци, позитивното чувство кон имунизацијата во Обединетот Кралство покажува тренд на растење, иако сé уште одредени старосни, етнички и дел од пониските социо-економски групи покажуваат колеблив однос кон имунизацијата.
Во ова време на недостиг на вакцини, и на френетична потрага по нив од сите страни, колку и’ помогна на Британија тоа што едната вакцина е создадена во Оксфорд и ја произведува делумно британска компанија, „АстраЗенека“?
Работната група за вакцини на владата на Велика Британија (Vaccine Taskforce – VTF) беше основана во април 2020 година за да му овозможи пристап до безбедна и ефективна вакцина против ковид-19 на населението, креирајќи широко портфолио од различни типови вакцини. Оваа група навистина многу брзо реагираше за да потпише договори за вакцините кои навестуваа дека би биле најефективни во заштитата од вирусот, фокусирајќи се на оние кои би биле пристапни во најскоро време и би можеле да се произведат во големи количини, секако давајќи предност на вакцините кои би се произвеле во Обединетото Кралство. Досега се обезбедени вкупно 367 милиони дози од седум произведители, и четири различни типови вакцини. Обединетото Кралство беше првата земја во светот која ја обезбеди и ја дозволи употребата на вакцината Фајзер/Бионтек, во количество од 40 милиони дози, доволни за една третина од населението. Исто така, Обединетото Кралство беше првата земја во светот која ја обезбеди, авторизира и почна со производство на вакцината Оксфорд/АстраЗенека, обезбедувајќи 100 милиони дози од неа. Понатаму, 17 милиони дози се обезбедени од вакцината Модерна, кои наскоро треба да пристигнат, и 30 милиони дози од вакцината Јансен. Дополнителни 180 милиони дози се обезбедени од вакцините ГлаксоСмитКлајн/Санафи Пастер, Новавакс и Валнева. Но, и покрај толкуте различни вакцини, ние немаме избор со која сакаме да се вакцинираме. Нé информираат за производителот, но ја добиваме таа што е од здравствените власти одредена за нас во тој момент.
Многу се зборува за вакцината на „АстраЗенека“, односно за опасностите што таа ги носи поради можноста од згрутчување на крвта и создавање тромби. Голем број земји ја ограничија нејзината примена, па го повлекоа ограничувањето, па повторно ја забранија, за друга категорија луѓе. Каков е Вашиот став за ова, особено што во Британија најголемиот дел од населението е вакциниран токму со „АстраЗенека“ (повеќе од 18 милиони), а во Македонија таа е доставена преку проектот „Ковакс“ на ЕУ? Имаат ли Македонците причина за загриженост кога ќе одат да се вакцинираат?
Сите вакцини и лекови имаат некои несакани ефекти, и за тоа нема дилема. Овие несакани ефекти постојано се балансираат и мерат спроти очекуваните придобивки при спречувањето на болеста. Во оваа земја се врши активно следење на фактичката состојба кое вклучува континуиран монторинг на поднесените извештаи за сомнителни и несакани ефекти од вакцините. Секој поединец или здравствен работник може да достави извештај за несакани ефекти преку шемата Жолт Картон (YellowCard), а е отворена за сите, вклучувајќи ги и граѓаните на Мекедонија, доколку сакаат да се информираат. Заклучно со 21 март 2021 година, во Велика Британија се пријавени 40.883 жолти картони за Фајзер/Бионтек (податоци добиени од околу 10,8 милиони аплицирани дози) и 99.817 жолти картони за вакцината на Оксфорд/АстраЗенека (базирано на 16 милиони аплицирани дози). За обете вакцини, вкупната стапка изнесува околу три до шест жолти картони на 1.000 администрирани дози. И за двете вакцини, огромното мнозинство на извештаи се однесува на благи и умерени несакани реакции: реакции на местото на инјектирање (на пример, болки во раката) и генерализирани симптоми како што се болест „слична на грип“, главоболка, треска, замор, гадење, вртоглавица, слабост, болка во мускулите и забрзано чукање на срцето. Општо, овие реакции се јавуваат кратко време по вакцинацијата (24-48 часа) и не се поврзани со некоја посериозна или трајна болест.
Последниот извештај од владата на Обединетото Кралство, покажува дека од 9 декември 2020 до 24 март 2021 година, регистрирани се вкупно 30 случаи на проблеми со коагулација на крвта предизвикани од Оксфорд/АстраЗенека: 22 случаи за згрутчување на крвта во мозокот, наречено тромбоза на церебрален венски синус (CVST), придружено со низок број на тромбоцити, како и осум случаи на други проблеми со згрутчување на крвта односно намален број на тромбоцити (тромбоцитопенија) меѓу примателите на вакцината. Од овие 30, досега се починати седум лица. Кога би направиле споредба со фактот дека до 24 март 2021 година во Обединетото Кралство се аплицирани вкупно 18.1 милион дози на оваа вакцина, ризикот би изнесувал околу 1.6 случаи на 1.000.000 вакцинирани. Ова оди во прилог на тврењето на експертите дека бројките на сериозни несакани реакции се многу ниски и оти придобивките од вакцината (сериозни заболувања и смрт предизвикани од коранвирусот) се многу поголеми од ризикот. Во Германија се забележани 31 случај на тромбоза на церебрален венски синус (CVST) по апликацијата на 2,7 милиони дози од вакцината на Оксфорд/АстраЗенека, од кои 19 биле поврзани со ниски тромбоцити, како и девет смртни случаи. Европската агенција за лекови (ЕМА) вели дека разгледала вкупно 14 смртни случаи пријавени до 22 март во врска со невообичаени појави на згрутчување на крвта кај примателите на Оксфорд/АстраЗенека. Најновите сознанија укажуваат дека повеќето од овие ретки случаи на тромби се јавуваат кај жени на возраст под 65 години, но засега останува нејасно зошто. Ваквите и слични извештаи секако дека ја зголемуваат загриженоста од можните ретки проблеми со коагулација на крвта предизвикани од оваа вакцина во последните неколку недели, и ја зголемуваат нервозата кај населението, што е сосема разбирливо. Како резултат на тоа, додека многу земји ја продолжија употребата на вакцината по пауза на нивните програми, други се колебаат. Канада ја суспендираше употребата на Оксфорд/АстраЗенека за луѓе помлади од 55 години, додека Германија ја прекина рутинската употреба на оваа вакцина кој оние под 60 години. Засега, ставот на ЕМА е дека нема докази за директна, каузална врска помеѓу овие тромбични реакции и вакцината, а ги нагласува придобивките од вакцинацијата кои далеку ги надминуваат ризиците, со оглед на опасноста што ја носи ковид-19. Сепак, ЕМА соопштува во информациите за вакцините ќе биде вметнато предупредување од ваквите ретки појави, додека следењето и истражувањата продолжуваат.
Што мислите за другите вакцини, особено за оние што досега не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА): руската и кинеските? Треба ли да се чека тоа одобрение, или луѓето да бидат имунизирани со било која вакцина што може да се најде?
Обединетот Кралство и ЕУ се’ уште не ги има одобрено овие вакцини за употреба и би било неблагодарно да се коментира. Во Русија, Спутник В беше одобрена на 20 август 2020, пред да започне третата фаза од клиничките испитувања, а направена е врз база на два аденовирусни вектори комбинирани со SARS-CoV-2 спајк протеинот. Првиот аденовирусен вектор се дава во првата, а другиот по 21 ден, во втората доза на вакцината, со цел да се избегне развивање на имун одговор кон самиот векторски вирус. Резултатите од првата и од втората фаза на клиничките испитувања, направена на 76 испитаници во отворена нерандомизирачка студија беа објавени во септември 2020 во научното списание Ланцет; овие резултати не укажуваат на постоење на сериозни несакани ефекти, а најчеста поплака е болка на местото на апликација. Првичните резлутати од третата фаза на клиничките испитувања, на 22.000 учесници во плацебо-контролирана рандомизирачка студија (која се смета за златен стандард во епидемиолошките истражувања) беа објавени во февруари 2021 и укажуваат на 91,6 отсто ефикасност против ковид-19 и толеранција во голема група. Околу 94 проценти од пријавените несакани ефекти се благи. Регистрирани се четири смртни случаи за време на студијата, кои, според авторите, не се поврзани со вакцината. На 2 декември, истиот ден кога Велика Британија ја одобри вакцината Фајзер/Бионтек за употреба, рускиот претседател Владимир Путин ја започна масовната вакцинација со Спутник В. Биофармацевтската компанија со седиште во Пекинг, „Синовак“ стои зад кинеската вакцина Коронавак, која се базира на традиционален и докажан метод на употреба на инактивиран вирус, како тригер на имун одговор. Малку официјални научни податоци постојат за ефикаснота на кинеската вакцина. Врз база на 144 учесници во првата фаза на клиничките испитувања и 600 во втората фаза, објавени во Ланцет вакцината е карактеризирана како „погодна за итна употреба, а сериозни несакани дејства не се регистрирани“. На 20 декември, „Синофарм“ објави дека вакцината има ефикасност од 79,34 проценти, иако досега резултатите од третата фаза не се официјално публикувани. Сепак, оваа вакцина се користи во голем број земји како Египет, Обединетите Арапски Емирати, Кина, Србија итн. Кога некој ќе ме запраша која вакцина е најдобра, мојот одговор е секогаш ист – првата која ќе ви биде достапна. Научните податоци покажуваат дека ризикот од несакани појави од сите досега употребени вакцини е многу мал и е занемарлив во споредба со нивниот бенефит, како за лична заштита, така и за општеството во целина.
Како го прифаќаат и го помининуваат Британците локдаунот? Имаше ли големи отпори? Медиумите јавуваа за повремени демонстрации против мерките, но што мислеше мнозинството од населението, имаше ли дисциплина во почитувањето на наложените препораки? Како очекувате да помине Велигден, кој е таму во овие денови?
Социјалната студија на University College London во резултатите кои ги објави на 21 март 2021 покажува дека мнозинството граѓани ги почитуваат мерките на локдаунот; а придржувањето кон повеќето од пакетот мерки е на континуирано високо ниво, иако целосното придржување кон сите локдаун мерки покажува незначително опаѓање. И покрај тоа, резултати од придржувањето се слични на оние од првото строго заклучување во мај 2020 година. Нивоата на анксиозност се слични на оние од есенскиот локдаун, а нивото на депресија е споредливо со она евидентирано на крајот од првиот локдаун во мај 2020 година. Задоволството од животот покажува тренд на зголемување од почетокот на новата година во сите демографски групи, и сега може да се спореди со нивото од летото 2020 година. Може да се заклучи дека мнозинството (96%) продолжува да се придржува кон актуелните мерки, додека понизок степен на придржување се регистрира кај: домаќинствата со повисок приход, кај младите, во урбаните области, меѓу мажите, меѓу некои етнички малцински групи и меѓу луѓето со добро физичко здравје. Убавото време, благото олабавување на мерките кое стапи во сила на 29 март т.е. дозволата за мешање на две домаќинства (секако, само на отворено), го прават своето. Премиерот Борис Џонсон ги предупредува граѓаните да не се мешаат во затворен простор, дека „сè уште не сме во таа фаза“ бидејќи вакцините за коронавирус „не даваат стопроцентна заштита“.
Дали животот, барем во некои аспекти, се промени трајно поради короната? Можно ли е некои работи веќе никогаш да не бидат исти како порано?
Едно е сигурно – се покажа дека прилагодувањето кон промени може да претставува вистински предизвик. Но, било да се тоа планирани или непланирани, постепени или ненадејни, промените се неизбежни и се голем дел од тоа што значи да се биде човечко суштество. Во текот на изминатите неколку месеци, доживеавме невидена промена во нашиот начин на живот поради ковид-19. Пандемијата предизвика низа социо-економски промени кај нас лично, во општеството и економијата, додека за долготрајните последици чинам дека е рано да се зборува и останува да се евалуираат во иднина. Во време кога пандемијата продолжува да дивее на глобално ниво, јавното здравје и економијата, како и балансирањето на овие два проблеми останува во фокусот. А, како би изгледала новата нормала!? Според мене, барем во наредните година-две, маските и редиците ќе бидат прифатена норма, како и летувањето во сопстевните дворови, наместо патувањата на егзотични дестинации. Спортските и културните настани ќе добијат поинаква димензија, а вакцините и рапидните антигенски тестови ќе одиграат голема улога за нивно безбедно одвивање. Ќе продлжиме да се сепнуваме кога некој ќе се закашла или кивне, а ќе се надеваме дека навиките за миење на рацето и личната хигиена ќе опстојат. Ќе продолжиме да се потпираме на дигиталната технологија и поврзаност, што за возврат би го зголемило бројот на слободни часови кои би ги посветиле на себе и семејството. За мене лично, тоа значи дека ќе можам почесто и подолго време да престојувам во Македонија и родниот Охрид, додека истовремено работам во Англија. Секако, во авионот би се чувствувала побезбедно доколку никој не седне на седиштето до мене. И на крајот, дури и ако една земја го постигне имунитетот на стадо, најверојатно годишни бустер дози од вакцини, постојан надзор особено врз потенцијално нови опасни варијанти на вирусот, и други мерки за заштита на јавното здравје ќе бидат потребни уште некое време.
Што најмногу ги погоди и освести (тие што ги погоди и освести) жителите на Островот: бројките на заразени и починати, сликите од болниците, или искуството со блиски луѓе, кои се заразиле и поминале низ трауматичното искуство со болеста?
Веројатно, сето тоа заедно. Вкупниот бројот на починати како резултат на ковид-19 во Велика Британија изнесува приближно 130.000 и е петта земја во светот, по САД, Бразил, Мексико и Индија. Вестите дека речиси се запрени третманите за други болести во болниците, дека голем број ученици не можат да ги положат завршните годишни испити, невработеноста која вртоглаво расте, задолженоста на владата за обезбедување на вакцините и исплаќање помош на бизнисите и платите на оние кои се’ уште не можат или не смеат да се вратат на работа, ја зголемуваат колективната свест и напор да се излезе од оваа ситуација.
Што е со таканаречените нови соеви на вирусот? Се разбира дека не може да се знае каква мутација ќе се појави во иднина, но една од најкоментираните во моментов е таканаречената „британска варијанта“, која логично би било најмногу да ја има во Британија. Се покажуваат ли вакцините посилни од неа?
Сите вируси еволуираат при многукратните репликации што им овозможува да се шират и опстанат. SARS-CoV-2, вирусот што го предизвикува ковид-19, се покажува дека не се разликува од останатите во тој контекст. Моментно се претпоставува дека има повеќе од 4.000 варијанти на ковид-19, кој веќе уби скоро три милиони луѓе ширум светот. Сé уште постои голема неизвесност дали сегашните вакцини ќе успеат да нé’ заштитат од овие варијанти и како што се акумулираат новите сознанија и податоци за нови варијанти, така расте и нашето знаење и способност да ги модифицираме веќе одобрените вакцини за да станат поефикасни во однос на варијантите што се појавуваат. Британскиот сој, кој првпат беше детектиран во Кент е многу заразна варијанта на коронавирус (позната како B.1.1.7) која се шири брзо, е повирулентна (за околу 70 проценти) и поопасна за здравјето, а со тоа и посмртоносна од матичниот вирус. Истражувачите од Универзитетот во Ексетер и Универзитетот во Бристол ги анализирале податоците од повеќе од 100.000 пациенти во Велика Британија помеѓу 1 октомври и 28 јануари со цел да се споредат стапките на смртност кај луѓето заразени со B.1.1.7, варијанта, којашто беше најдена во Велика Британија и оние заразени со другите претходно циркулирачки варијанти. Резултатите кои се објавени мината среда во British Medical Journal (BMJ), покажуваат дека ризикот за морталитет предизвикан од британската варијанта е значајно зголемен, и се движи помеѓу 32 и 104 проценти. Ова претставува зголемување на смртноста од 2,5 на 4,1 на 1.000 откриени случаи. Овие бројки имаат исклучително голем импакт врз здравствените капацитети, и националните и меѓународните контролни политики. Светската здравствена организација, како и многу други медицински организации, истакнуваат дека имунитетот против ковид-19 е најдобро да се постигне со вакцинација, а не со изложување на луѓето на тежок акутен респираторен синдром коронавирус 2 (SARS-CoV-2). Како што и предходно споменав, веќе се достапни неколку типови на вакцини против ковид-19, други се сé уште во фаза на истражување, а нивната ефикасност врз новите варијанти се истражува. Така на пример, вакцината Новавакс е уште една домашна, британска вакцина, која е во третата и завршна фаза на клинички испитувања, а која покажува ефикасност од 89.3 проценти. Овој податок се базира на 15.000 испитаници на возраст од 18-84 години во услови на доминантност на британската варијанта. Оваа вакцина ќе се производува во Англија, по нејзиното одобрување. Вакцинацијата засега останува најдобра опција за намалување на смртноста и разорните влијанија на ковид-19. Но, треба да се нагласи дека од суштинско значење е имунитетот на стадо да се постигне преку имунизација која би се одвивала рамномерно и на глобално ниво. Еден предизвик за кој се’ повеќе се дискутира е праведниот пристап кон вакцини. Исто така, потребни се огромни напори за производство на доволен број вакцини кои ќе ги задоволат глобалните потреби. Додека самата вакцина е ефективна, нејзиното влијание ќе биде загрозено ако не можат да се произведат доволно дози навремено.
Британците се многу горди на својот NHS (National Health Service) односно на јавниот здравствен систем. Како се покажа тој во пандемијата, и се промени ли во последнава година односот на јавното и на приватното здравство? Дали одеа во државните здравствени институции само тие кои не можеа да си дозволат лекување во приватни?
Во Британија многу малку и дури воопшто не се споменува приватниот здравствен сектор, и неговата улога во справување со пандемијата. Мене не ми е познато под кои услови и каква заштита обезбедува тој. Довербата кон јавниот Националниот здавствен сервис (NHS) не се доведува во прашање, а третманот и негата која тој ја овозможува е стандардизирана и заснована на протоколи, кои ги носи независниот Национален Институт за Здравствена и Социјална заштита (National Institute for Health and Care Excellence – NICE), одговорен само пред британскиот парламент. Сепак, пандемијата која повеќе од една година е во центарот на вниманието на јавната здравствена заедница, отвори и голем број други загрижувачки прашања кои долго време беа занемарувани во јавниот здравствен систем. Луѓето во Велика Британија живеат подолго од кога и да било порано, но во исто време, јазот помеѓу очекуваниот животен век и здравиот животен век се продлабочува, особено кај оние од најранливите социо-економски категориии. Никогаш тоа не било поочигледно отколку во текот на изминатата година. Низ целиот свет, ковид-19 ги потенцираше огромните економски, општествени и лични цени кои беа директно предизвикани од нарушеното здравје на населенито, со најголем импакт врз најранливите категории граѓани. Во моментов се работи на големи структурни реформи во јавното здравство, кои се од витално значење за обезбедување подобри и поправедни здравствени исходи за сите, истовремено намалувајќи го притисокот врз Националниот здравствен систем – NHS.
Пред неколку недели на здравствените работници во Велика Британија им беше ветено зголемување на платите од еден процент, што тие го одбија како – понижувачко. Премиерот Борис Џонсон тогаш рече: „немаме повеќе“. Дали британските здравствени работници добија подобар општествен статус поради големите жртви што ги поднесуваат во текот на пандемијата?
Како и во останатите земји, здравствените работници се третираат со вистинското име – ХЕРОИ, кои неуморно работат и се справуваат со пандемијата, дури и по цена на сопствениот живот. Во светски рамки, бројот на починати здравствени работници, како и импактот врз нивното физичко и ментално здравје се огромни. Весникот „Мирор“на 20 јануари 2021 година објави дека 52.000 здравствени работници биле болни со ковид. Според BMJ се претпоставува дека во Велика Британија над 540 вработени во NHS и над 262 вработени во секторот за социјална грижа починале од коронавирусот меѓу март и декември 2020 година. Податоците на Амнести интернешенел покажуваат оти повеќе од 3.000 здравствени работници починале од ковид-19 во 79 земји, иако бројката веројатно е значајно потценета поради несоодветно пријавување. Според мониторингот на Амнести, земјите со досега најголем број смртни случаи на здравствени работници се: Русија (545), Велика Британија (540), САД (507), Бразил (351), Мексико (248), Италија (188), Египет (111), Иран (91), Еквадор (82) и Шпанија (63). Во Британија, истражувањето спроведено на повеќе од 16.000 лекари од страна на Британската медицинска асоцијација, во јули 2020, покажа дека 48 насто од испитаниците пријавиле дека купуваат опрема за лична заштита или дека користат донирани опреми заради недостаток на залихи на нивните работни места. Истото истражување покажа дека 65 проценти од лекарите изјавиле дека се чувствуваат „делумно или воопшто незаштитени“. Изгледа „нова абнормалност“ е да се верува дека е сосема разумно здравствените работници да одат на работа со очекување дека на крајот ќе заболат од болест која е опасна по живот, создавајќи го „митот“ на индивидуална жртва, наводно за колективно добро. Во врска со покачувањето на платите, Џонсон остана на понудата од еден процент, наместо ветениот и документиран минимум од 2.1 отсто, со аргумент дека зголемувањето на бројот на медицински сестри е поважно од зголемувањето на платата, иако беше осудуван од страна на NHS и опозицијата за овој нечесен, срамен и понижувачки чин. Моралната, физичката и материјална повреда нанесена врз здравствените и социјалните работници, која можеше и може да се избегне, е длабока и лузните ќе останат уште долго време. Обврската за заштита на здравствените и социјалните херои бара индивидуална, колективна, социјална и политичка волја, свест и одговорност.
Миодраг Мишолиќ