Базната станица за издавање патни исправи во Генералниот конзулат на Република Северна Македонија во Минхен успешно функционира. Досега аплицирале 470 наши државјани, 380 патни исправи се изготвени и доставени до генералниот конзулат, а 252 веќе се подигнати, информира Министерството за надворешни работи.
Од таму потврдуваат дека нашата дијаспора во Минхен одава признание на брзата постапка и олеснетата процедура за добивање на патни исправи.
За успешноста на целиот процес со нововоспоставената базна станица во Минхен се изјасни и генералниот конзулот Реџеп Демири:
– Во разговор со нашите граѓани (дознаваме дека) тие ја поздравуваат оваа одлука и многу се благодарни и презадоволни што процедурата за добивање нова патна исправа не трае 6-9 месеци, туку 3-4 недели, изјави Демири.
Денеска освен во Минхен, базните станици успешно функционираат и во Чикаго, Њу Џерси, Бон, Берлин, Берн, Љубљана, Виена и Лондон, како и мобилните станици во Стокхолм, Брисел, Мелбурн, Торонто и Венеција.