Издавачката куќа Готен, во соработка со мрежата Традуки, ги покани авторите и преведувачите од Југоисточна Европа да се пријават на првата резиденцијална програма за книжевници „Скопје 2013“ под мотото „Апсолутно модерен“.
Програмата има за цел да им овозможи на авторите од регионот подобро да се запознаат со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје и во Македонија и да остварат продлабочени и трајни контакти, кои во перспектива ќе ги направат пријатели и амбасадори на македонската книжевност и култура во регионот и во светот.
Меѓународно жири ќе ги разгледа пристигнатите апликации и за есенскиот семестар од програмата ќе одбере тројца автори или преведувачи. Авторите во Скопје ќе престојуваат во период од еден месец, во чии рамки ќе работат на своите дела или преводи, ќе посетуваат културни настани, организации и институции, а преку јавен настан ќе и бидат претставени и на скопската сцена. За да се оствари поголем ефект од нивниот престој ќе се организира нивно претставување и во еден од другите културни центри во земјата, а во одредени случаи и во блиските престолнини од регионот.
Издавачката куќа Готен има план во 2014 година, оваа резиденцијална програма, како форма на продлабочена меѓународна соработка, да ја прошири и на автори од другите културни средини во Европа, како и од земјите на Медитеранот.