Први мај се одбележува со протести низ целиот свет и на Балканот. Во Турција веќе имаше судири меѓу полицијата и демонстрантите. Турската полиција употреби солзавец и водени топови за да ги спречи демонстрантите да пристигнат на плоштадот Таксим бидејќи властите забранија митинзи за Први мај. Околу 40.000 полицајци се распоредени во Истанбул, но активистите се заканија дека нема да ги почитуваат владините забрани за демонстрации.
По наредба на Владата намален е бројот на возила на градскиот транспорт во Истанбул за да се ограничи движењето на граѓаните. Според турски медиуми, се очекува демонстрациите да бидат најмасовни откако владејачката партија на премиерот Реџеп Таип Ердоган победи на локалните избори во март.
Откако во 1977 година на Таксим беа убиени 34 луѓе во судири меѓу полицијата и демонстранти, тоа место во Истанбул има посебно значење. Повеќе од 30 години плоштадот беше затворен за демонстрации, кратко време беше отворен , од 2010 година па се до лани кога ескалираа протестите во Турција.
Протести по повод Први мај се одржаа и во Азија. Народот излезе на улица во Хонг Конг, Џакарта, Куала Лумпур, Сингапур, Тајпеј и Сеул.
Работниците во Камбоџа денеска беа присилно растерани од полициските сили, кои употребуваа стапови и палки за да ги избркаат демонстрантите од Паркот на слободата во Пном Пен. Претепани се неколку луѓе.
Индонезиската полиција, пак, информираше дека во главниот град Џакарта на протести излегле околу 33.000 работници. Синдикатите информираа дека на улица ќе излезат околу 2 милиона работници, кои ќе побараат подобри работни услови. Полицијата информираше дека работниците планираат утре да одржат дополнителни протести.
Десетици илјади работници поротестираа и на улиците во Јапонија, барајќи корпорациите да им ги подобрат условите за работа и критикувајќи ги економските политики на премиерот Шинзо Абе. Според тие политики всушност се бара од големите корпорации да ги зголемат платите, но тоа не се однесува и на бројните мали и средни компании, критикуваат од Националната конфедерација на трговски синдикати во Токио. Синдикатите бараат зголемување на платите за сите работници.
Меѓународниот ден на трудот 1. мај се одбележува со протести во Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора каде се протестира поради лошата и економска состојба на работниците. Сепак, ССМ најави дека нема да протестира.
Во Босна и Херцеговина и на Денот на трудот продолжуваат тримесечните социјални протести со мирен собир во Мостар, а најави за демонстрации има и во Сараево.
Хрватските синдикати пак организираат протест под мотото „Црвен картон за Владата“, а со кој бараат предвремени парламентарни избори. Синдикатите во Црна Гора пак Први мај го одбележуваат со протести и со музички концерти, но и со порака за неопходноста од отворање нови работни места.
Според најавите од руските медиуми, за прв пат по повеќе од две децении, работниците на Први мај ќе излезат на парада на Црвениот плоштад.