Рускиот претседател, Владимир Путин и неговиот украински колега Володимир Зеленски му честитаа на Емануел Макрон за победата на вчерашните претседателски избори во Франција.
„Путин му честиташе на францускиот претседател Емануел Макрон за неговиот реизбор и тоа што ја порази кандидатката на екстремната десница Марин Ле Пен“, соопшти денеска Кремљ.
Макрон обезбеди победа над Ле Пен во вториот круг на гласање во текот на викендот, победувајќи ја својота екстремно десничарска ривалка, која беше обвинета за врски со Русија.
„Искрено ви посакувам успех во вашите државни активности, како и добро здравје и благосостојба“, рече Путин во телеграмата до Макрон, според соопштението од Кремљ.
И Зеленски, кој пред вториот круг повика да се гласа за Макрон, му честита на францускиот претседател за новиот мандат.
„Честитки до претседателот на Франција и вистински пријател на Украина Емануел Макрон за победата на изборите. Му посакувам нов успех за бенефит на францускиот народ. Ја ценам поддршката на Франција и убеден сум: чекориме заедно кон нови заеднички победи! За силна и обединета Европа!“, напиша Зеленски на Твитер.
Макрон беше еден од ретките западни лидери кои стапија во контакт со Путин откако Москва ги распореди своите војници во Украина, минувајќи часови во телефонски разговори обидувајќи се преку дијалог да стигне до решение за конфликтот.
Но, иако ги држи отворени своите дипломатски канали кон Москва, Франција под Макрон се приклучи на меѓународните санкции кон Русија воведени поради воената кампања.