Рускиот претседател Владимир Путин се извини за изјавата на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров кој рече дека нацистичкиот лидер Адолф Хитлер има „еврејска крв“, соопшти Израел.
„Путин се извини во разговор со израелскиот премиер Нафтали Бенет“, се вели во соопштението на неговата канцеларија.
Сергеј Лавров со изјавата се обиде да го оправда руското прикажување на Украина како „нацистичка“ и покрај фактот дека нејзиниот претседател е Евреин. Лавров во неделата зборуваше за италијанската телевизија, неколку дена откако Израел го одбележа Денот на сеќавањето на Холокаустот, еден од најсвечените датуми во израелскиот календар.
На прашањето како Русија може да тврди дека се бори за „денацификација“ на Украина кога претседателот Володимир Зеленски и самиот е Евреин, Лавров рече: „Може да грешам, но Хитлер имал и еврејска крв.Тоа што Зеленски е Евреин не значи апсолутно ништо. Мудрите Евреи велат дека најжестоките антисемити обично се Евреи“.
Израел побара извинување, а премиерот Бенет набргу потоа рече дека „таквите лаги имаат за цел да ги обвинат самите Евреи за најстрашните злосторства во историјата и на тој начин да ги ослободат угнетувачите на Евреите од нивната одговорност“.
Во изјавата од четвртокот, кабинетот на Бенет соопшти дека тој го прифатил извинувањето на Путин и „му се заблагодари што го разјасни неговиот став кон еврејскиот народ и сеќавањето на холокаустот“.
Од руска страна беше истакнато дека двајцата лидери разговарале за Холокаустот, но не и дека Путин се извинил. Израел се обиде да посредува меѓу Русија и Украина, но, исто така, се соочи со критики дека не зазема поостра линија против претседателот Путин.
Израелските медиуми оваа недела објавија дека Израел размислува да ја зголеми својата воена и цивилна помош за Украина.