Цената на нафтата на меѓународните пазари денеска достигна 122 долара за барел и поттикната е од прекинот на извоз на руска и казахстанска нафта преку каспискиот нафтовод.
Барел нафта на лондонската берза се продаваше за 6.35 долари повеќе во однос на вчерашниот ден и достигна 121,8 долари. На американскиот пазар, пак, барел нафта денеска се тргуваше по цена од 115 долари или 5,72 долари повеќе од претходниот ден.
Пазарите ги размрда предупредувањето на Русија дека пореди оштетувањето на каспискиот нафтовод СПС, нејзиниот извоз на нафта ќе биде намален до милион барели на ден, што одговaра на еден процент од светското производство.
Испораките преку СПС нафтоводот денеска се целосно прекинати, а поправката ќе трае најмалку месец и половина.
„Цените на нафтата растат првенствено поради загубата на СПС извозот на нафта од Новоросијск, кој изнесува околу 1,3 милиони извезени барели дневно“, објаснува Мет Смит од „Кеплер“.
Пазарите, истовремено, ги вознемирува и можноста од нови санкции кон Русија, вториот најголем извозник на сурова нафта во светот, поради нејзината инвазија во Украина.
Американскиот претседател Џо Бајден, на утрешниот состанок со европските лидери во Брисел, вклучително и на вонредниот НАТО самит, се очекува да објави нови санкци.
Забраната за увоз на руска нафта и деривати сè уште предизвикува поделби меѓу земјите од ЕУ, но тоа може да се промени по истекот на краткорочните договори.
Нервоза предизвикува и значителниот пад на резервите во САД, најголемиот потрошувач во светот, што го нагласува стравот од недостаток. Според податоците на Американскиот институт за нафта, резервите на сурова нафта минатата недела биле 4,3 милиони барели. Официјалните податоци на американската влада ќе бидат објавени во текот на неделава.
Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) денеска објави дека барел нафта од нејзините земји членки вчера се тргувал по 114,60 долари, што значи дека поскапел за 79 центи во однос на претходниот ден.