Суверените и независни членките на НАТО се обединети во група што споделува заеднички идеали за заштита на своите граѓани, почитување на соседите и осигурување на стабилна иднина за цела Европа, а посветеноста кон тие принципи на Северна Македонија, со која Алијансата само се засили, без сомнение е силна, истакна американската амбасадорка во земјава, Кејт Мери Брнз во видео обраќање по повод одбележувањето на 4 април – Денот на НАТО.
„Како рамноправни партнери, горди сме што стоиме обединети со Северна Македонијна и со секој НАТО сојузник во желбата да живееме во мир со сите народи и влади“, нагласи Брнз на настанот во организација на Евроатлантскиот Совет во Северна Македонија, во партнерство со Министерството за одбрана, Едукативниот центар М6 и НАТО секторот за јавна дипломатија од Брисел.
Неоправданата агресија на Русија врз Украина, според Брнз, ја загрозува регионалната безбедност и нагласи оти се „гледа колку партнерството е важно и за Северна Македонија и за Европа“.
„Северна Македонија доброволно го сподели товарот за одговор на таа актуелна закана. Рамо до рамо во солидарност со своите сојузници и соседи и со цврста посветеност за безбедноста и мирот во цела Европа преку дипломатски и воени средства, Северна Македонија е пример за духот на одбранбениот сојуз кој беше создаден пред 73 години“, рече Брнз.
Алијансата, додаде Брнз, е сојуз на зборови и на дела во кој Северна Македонија опстојува на ветувањето за исполнување на обврската за инвестиции во одбраната до 2024 година.
„Владата и Министерството за одбрана продолжуваат со чекорите за модернизација на армијата со нова опрема, за обука на специјалните сили и зголемена подготвеност меѓу нејзините агенции за одговор при вонредни состојби во невоен карактер“, рече Брнз.