Збирка ретки фотографии на кои се водачите на кубанската комунистичка револуција Фидел Кастро и Ернесто Че Гевара ќе бидат понудени на аукција во Велика Британија на 7 март. Тие се проценети на околу 50 илјади фунти (76 илјади американски долари), објави интернет страницата на аукциската куќа Dominic Winter Auctioneers
Ќерката на Алберто Корда, личниот фотограф на Фидел Кастро, продава 55 од неговите црно-бели фотографии направени во периодот меѓу 1950 и 1960 година. На една од фотографиите лидерот на кубанската револуција е фотографиран како игра голф со славниот аргентински револуционер Ернесто Че Гевара, а на друга, направена непосредно по победата на револуцијата во Куба, Кастро и Че се снимени на риболов со брод.
Претставник на аукциската куќа изјави дека станува збор за „неверојатна збирка” од фотографии, којашто фрла светлина врз приватноста на животите на познатите комунисти, меѓу кои се и онаа на која е овековечен разговорот на Че Гевара со познатиот француски филозоф Жан-Пол Сартр, онаа како Кастро го фотографира со „Полароид” семејството на советскиот лидер Никита Хрушчов.
Алберто Корда е роден во 1928 година во Куба. Тој е автор на една од најславните и нараспространети фотографии на Че Гевара посната како „Херојскиот герилец” (Guerrillero heroico), за чиешто неавторизирано користење во 2000 година доби отштета од 50 илјади долари од компанијата за алкохолни пијалаци „Smirnoff”, сума којашто ја уплати во кубанскиот здравствен систем. Фотографот почина во 2001 година во Париз, за време на изложбата на неговите дела.