Руската влада засега нема интерес за преговори за прекин на огнот во Украина, бидејќи нејзината војска сè уште не ги постигнала своите воени цели, изјави денеска високиот дипломат на Европската Унија (ЕУ), Жосеп Борел.
„Русија моментно не сака да преговара за ништо. Она што сака е да ја заземе земјата“, рече Борел во интервју за шпанскиот канал ТВЕ.
„Сака да го опколи брегот до границата со Молдавија и да ја изолира Украина од море. Сака сериозно да преговара дури откако ќе ги осигура позициите на своите сили“, тврди Борел.
„Ројтерс“ јавува и дека Борел рекол оти ЕУ и нејзините сојузници ќе продолжат со испорака на воена помош за украинската војска.
„Тоа е важно, бидејќи сè ќе биде одлучено во наредните 15 дена. Она што ќе влезе во историја е способноста на Украинците да дадат отпор“, рече Борел.