Воено складиште во градот Џанкоја на Крим е оштетено претпладнево во серија експлозии кои се резултат на саботажа, соопшти руското Министерство за одбрана.
Во соопштението, што е пренесено од агенцијата ТАСС, е наведено дека во експлозиите се оштетени и бројни цивилни објекти, вклучувајќи далекуводи, електрана, железничка пруга и повеќе станбени згради.
„Никој не е потешко повреден. Се преземат сите неопходни мерки за отстранување на последиците“, додаваат од Министерството за одбрана на Русија, пренесува ТАСС.
Во денешните експлозии на складиште со муниција на Крим, полесно се повредени две лица, а дојде до нарушување и на железничкиот сообраќај, соопшти највисокиот руски претставник на полуостровот, Сергеј Аксјонов.
„На снимките на руската државна телевизија е прикажана електрична трафостаница во пламен во близина на Џанкоја и низа на експлозии за кои властите велат дека се предизвикани од детонации на муниција во воената база“, пренесува „Ројтерс“.
Аксјонов додаде дека се евакуирани 2.000 лица од најблиското село Мајско.
„Русија го користи Крим за снабдување со воена опрема на своите трупи кои се борат во Украина, а пријавената штета н железничката пруга би можела да го наруши тој процес“, објави „Ројтерс“.
Руската новинска агенција РИА соопшти дека седум патнички возови доцнеле и дека железничкиот сообраќај на дел од пругата на северот на Крим е во прекин.
Михаил Подољак, советник на украинскиот претседател Александар Зеленски, твитна дека денот почнал со експлозии кај Џанкоја, но не потврди вмешаност на Киев во инцидентот.
„Денешниот инцидент доаѓа по минатонеделната серија на експлозии во руска воздушна база на Крим за кои украински официјални лица наведоа дека се дел од некој вид на специјална операција, додека Москва ги опиша како несреѓни случаи“, пишува „Ројтерс“.