Поддрша за иницијативата „Отворен Балкан“ и подготвеност на САД да помогне за нејзин побрз развој, истакна американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил по средбата со српскиот претседател, Александар Вучиќ.
„Ја поддржуваме иницијативата „Отворен Балкан“ и подготвени сме да помогнеме за нејзин побрз развој“, рече амбасадорот Хил, додавајќи дека САД секогаш ќе ги поддржуваат напорите за продлабочување на регионалната економска соработка на начин што ќе ја промовира интеграцијата со ЕУ.
Вучиќ на средбата истакна дека Србија е иницијатор на бројни проекти кои на најдобар начин ги поврзуваат земјите од Западен Балкан, а амбасадорот Хил ја повтори американската поддршка за евроинтеграцијата на Србија и земјите од регионот, како и ставот на САД дека ЕУ треба да се прошири,
Зборувајќи за дијалогот меѓу Белград и Приштина, соговорниците се согласија дека сите напори треба да бидат насочени кон дијалогот под покровителство на Европската Унија, а САД со партнерите од ЕУ ќе продолжат со ангажманот за продолжување на дијалогот што ќе донесе конкретни резултати.
Надоврзувајќи се на неодамнешното писмо од американскиот претседател Џо Бајден до претседателот Вучиќ, амбасадорот Хил ја повтори поддршката на неговата земја за напорите на Србија за диверзификација на енергетските извори и енергетската ефикасност, нагласувајќи дека САД ќе работат на тоа и Србија да добие пристап до енергетските проекти на кои веќе наголемо се работи.