Стевче Јакимовски од денес повеќе не е член на СДСМ, соопштуваат од партијата. Неговата одлука да се кандидира за градоначалник и покрај договорениот бојкот, според Социјал демократскиот сојуз е кукавичи и предавнички чин.
“Сакаме да ја информираме јавноста дека во изминативе денови, власта на секаков можен начин се обидуваше преку злоупотреба на државните институции, закани, уцени, па дури и со непристојни понуди, да убеди некој кандидат или партија од здружената опозиција да одигра епизодна улога за Никола Груевски. Нема никакви дилеми дека тоа единствено им успеа со Стевчо Јакимовски, новиот глумец на “фамилијата“, кој со задоволство ја прифати улогата на тројански коњ. За жал, од вчера во Карпош, ВМРО ДПМНЕ има двајца свои кандидати за градоначалник”,се вели во соопштението.
Од СДСМ тврдат дека и покрај оваа одлука на Стевче Јакимовски здружената опозиција останува единствена во намерите да ја изведе Македонија на правиот пат.
“Убедени сме дека жителите на оваа Општина точно ќе препознаат кога личниот интерес се става над општиот и затоа повторно со своите мудри постапки ќе покажат дека Карпош не смее да биде прибежиште за поединци со кратка меморија и двоен морал, туку ќе остане бастион на СДСМ”, велат од СДСМ.