Украинските сили во челичарницата Азовстал во Мариупол водат „тешки, крвави борби“ против руските војници, изјави командантот на баталјонот Азов.
„Горд сум на моите војници кои вложуваат натчовечки напори да го запрат притисокот на непријателот. Ситуацијата е исклучително тешка“, рече командант на Азов, Денис Прокопенко во кратката видео порака на Телеграм.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во текот на денот го повика генералниот секретар на Обединетите Нации (ОН), Антонио Гутереш да помогне во спасувањето на луѓе од опколената челичарница Азовстал.
„Животите на луѓето кои останаа таму се загрозени. Секој живот нѝ е вреден. Ве молиме да помогнете да ги спасиме“, се вели во пораката на Зеленски до Гутереш.
Русија објави дека ќе прекине со огнот врз челичарницата Азовстал во Мариупол и најави отворање на хуманитарни коридори во наредните три дена за евакуација на цивили.