Автор: Елизабета Секирарска, професорка
Детето ми беше сабајлево во Скопје, до факултетот да си земе оценка. Го премислив додека да се врати и сега, вака со издрндан мозок само ќе кажам: што земја ќе е ова, земја во која детето ти е на 35 километри од дома, а ти се плашиш како ќе си дојде затоа што знаеш дека нешто ќе се случува – му кажуваш да не се задржува без потреба и да си дојде веднаш дома, наместо да прошета со другарите на сонце, во еден убав, јулски ден.
Што земја ќе е ова, земја во која во грч гледаш вести и имаш впечаток дека гледаш Бејрут, а не своето дома.
Што земја ќе е ова, земја во која стравот стана стил на живот. Што земја ќе е ова, земја во која луѓето кои со години се без телевизор се ослободуваат од радиодуфузна такса и тоа се подига на ниво на успешна социјална мерка, фалена на сите усти. Дури и на оние гладните.
Што земја ќе е ова, земја во која се живо поскапува, а ние немо статираме во серијалот “Уметноста на преживувањето”, во репризната епизода “Ќути, немој да биде полошо”.
Што земја ќе е ова, земја во која на инвеститор ќе му дадеш се што ќе посака бамбадава, само да дојде, а тој ќе вработи тукашни кутри кротки, гладни луѓе кои ќе работат бамбадава, без прекин и во атмосфера која во нормалниот свет се вика тортура.
Што земја ќе е ова, земја во која пензионерските бенефиции се етаблирани како успешна мерка за третирање на гласачите во третата доба, додека младите мака мачат да учат и живеат во урнисани домови и да се вработат откако ќе завршат. Што земја ќе е ова, земја од која си одат без жалење.
Што земја ќе е ова, земја во која плиткото е толку плитко, да сите се давиме во него.
Што земја ќе е ова, земја во која тапоста е шнитот по кој полека, но сигурно сите добиваме ментална униформа.
Што земја ќе е ова, земја во која масата многу лесно ќе се обедини околу злото, но не и околу борбата против него.
Што земја ќе е ова, земја во која е најдобро човек да замолкне.